Во краткото соопштение на МНР стои дека на ваквиот чекор се решиле по информациите што ги добиле од надлежните органи за преземени активности спротивни со Виенската конвенција за дипломатски односи
Македонското Министерство за надворешни работи ја потврди веста дека тројца руски дипломати се прогласени за персона нон грата, односно за непожелни во земјава од страна на македонските власти.
Во краткото соопштение на МНР стои дека на ваквиот чекор се решиле по информациите што ги добиле од надлежните органи за преземени активности спротивни со Виенската конвенција за дипломатски односи.
„На 12 септември во Министерството за надворешни работи беше повикан амбасадорот на Руската Федерација кому му беше врачена дипломатска нота со која тројца дипломати во амбасадата на Руската Федерација во Скопје беа прогласени како непожелни во државата (persona non grata). Ваквата одлука е донесена по информациите добиени од надлежните органи за преземени активности кои се во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи“,
соопшти МНР.
Инаку, вчера амбасадата на Руската Федерација во земјава преку објава на социјалната мрежа „X“ (претходно Твитер) пренесе коментар на портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова. Потегот на македонските власти, како што се наведува во објавата, се случил на 12 септември, без објаснување за причините.
Русија, прогласувањето на тројцата дипломати за непожелни, го оцени како неодговорен и непријателски чин и најави дека нема да остане без одговор.
Покрај информацијата за прогласувањето на тројцата дипломати за „персона нон грата“, во коментарот се наведува и дека властите во Северна Македонија „продолжуваат да се движат по патот на влошување на конфронтацијата и да ги водат билатералените односи, кои и онака се во длабока криза, во ќорсокак“.