Македонските министерства за надворешни работи и за одбрана со заедничко соопштение реагираат на изјавата на портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, во која вели дека според Москва донацијата на тенковите Т-72 од властите на Северна Македонија за Украина е голема грешка.

„Република Северна Македонија е суверена држава која одлуките ги носи самостојно водејќи се од принципите на почитување на меѓународното право, Повелбата на ООН, принципите и заложбите на ОБСЕ за заштита на европската безбедносна архитектура и глобалната стабилност“,
се вели во заедничкото соопштение од МНР и МО.
Досега Владата на Република Северна Македонија, се додава во соопштението, донесе неколку Одлуки за воено – техничка помош со кои и помагаме на Украина во одбрана на својот територијален интегритет кој е загрозен од воената интервенција.
„Северна Македонија уште од самиот почеток ја осуди воената интервенција во Украина и застана во поддршка на територијалниот интегритет, суверенитет и независнот на Украина, а пред се во поддршка на мирот, човековите права и меѓународниот поредок заснован на правила“,
нагласуваат од МНР и МО.
Република Северна Македонија, потенцираат во соопштението надлежните министерства, како членка на најмоќниот воено – политички сојуз – НАТО Алијансата, одлучно стои зад позицијата и решителноста на Алијансата да биде гарант на мирот и безбедноста на своите земји – членки и да ги штити вредностите, слободата и безбедноста на сегашните и идните генерации.
Минатата недела од Министерството за одбрана за „360 степени“ ги потврдија видеоснимките, кои се појавија на социјалните мрежи, на кои се гледа транспорт на тенкови, дека всушност станува збор за донација што земјава ѝ ја дава на Украина.
*ПОВРЗАНА ВЕСТ: Тенковите што ги донира Македонија се купени од Украина, не се донација од Русија, вели Георгиевски