„Ќе ја следиме состојбата во Либан, Израел и во регионот. Навремено ќе ги информираме нашите државјани за евентуални насоки за постапување“, информираат од македонското МНР
Во првата можна прилика нашите државјани што се наоѓаат во Либан да ја напуштат оваа држава, поради тамошната влошена безбедносна состојба, информира денеска Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Оттаму апелираат и имајќи ја предвид непредвидливата безбедносна состојба на Блискиот Исток, граѓаните да ги одложат и патувањата што не се неопходни кон Израел.
„Дополнително, македонските државјани што се наоѓаат на територија на Израел да ги следат упатствата на националните безбедносни власти и во зависност од потребата и динамиката на безбедносната ситуација да го напуштат Израел“,
се вели во соопштението од македонското МНР.
Подетални информации околу актуелните состојби во Израел можат да се најдат на следната веб-страница, која, како што велат, се отвара само преку серверите на територијата на Израел: https://www.oref.org.il/12481-en/Pakar.aspx
Од МНР информираат и дека на располагање се СОС-дежурните телефони: 075/ 273- 732 и 075/ 268-736, како и дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив: +972-54-926-7378.
„Ќе ја следиме состојбата во Либан, Израел и во регионот. Навремено ќе ги информираме нашите државјани за евентуални насоки за постапување“,
велат од МНР.
Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Бејрут и британската влада вчера ги повикаа своите граѓани да го напуштат Либан поради страв дека е можно да се случи судир меѓу Израел и либанското движење Хезболах.