„Секој чин на провокација од која било страна, случајно или намерно, во моментов станува дел од сценаријата во прилог на ескалацијата на состојбите и како таков сметаме дека е во спротивност со декларираните заложби за враќање на дипломатската агенда онаму каде што ѝ е местото, во дипломатиите на двете земји“, се наведува во реакцијата на Министерството за надворешни работи
Оттаму посочуваат дека наводите содржани во декларацијата за постоење системски проблеми со правата и безбедноста на етничките Бугари во Северна Македонија целосно се косат со институционално етаблираните факти од релевантни меѓународни институции кои го следат спроведувањето на човековите права и правата на сите етнички заедници во Северна Македонија, вклучително и на бугарската
Усвојувањето на декларацијата доаѓа два дена пред одбележувањето на 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, кое е означено како настан од висок ризик, поради што Владата и МВР, а по предлози на Советот за национална безбедност, преземаат мерки за мирно и достоинствено чествување
Министерството за надворешни работи изрази жалење за декларацијата што 48. Народно собрание на Бугарија ја усвои денеска, а се однесува на наводна ескалација на агресивни антибугарски активности во Северна Македонија. Од МНР констатираат дека декларацијата, усвоена на последниот ден од работата на овој состав на бугарскиот парламент не соодветствува на договорената политика за унапредување на меѓусебните односи преку заемно уважување и почитување и укажува на отсуство на волја за нејзино унапредување.

Со оглед на моментот на усвојувањето на декларацијата, таа може да оди само во прилог на провокаторите чија цел е, се наведува во соопштението на МНР, да предизвикаат политички активности кои негативно влијаат на односите меѓу двете држави и со тоа ги минираат напорите за враќање на конструктивната патека и нега на партнерските односи.
„Секој чин на провокација од која било страна, случајно или намерно, во моментов станува дел од сценаријата во прилог на ескалацијата на состојбите и како таков сметаме дека е во спротивност со декларираните заложби за враќање на дипломатската агенда онаму каде што ѝ е местото, во дипломатиите на двете земји“,
се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи.
Во врска со содржината на декларацијата од МНР, нагласуваат дека Северна Македонија во изминатиов период преку конкретни проекти и активности покажа дека посветено работи на спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји.
Оттаму посочуваат дека наводите содржани во декларацијата за постоење системски проблеми со правата и безбедноста на етничките Бугари во Северна Македонија целосно се косат со институционално етаблираните факти од релевантни меѓународни институции кои го следат спроведувањето на човековите права и правата на сите етнички заедници во Северна Македонија, вклучително и на бугарската.
„Исто така, Министерството за надворешни работи во повеќе наврати посочи дека Законот за фондации и здруженија не е насочен против здружувањето на ниту една етничка заедница, туку против принципот здруженија на граѓани да носат имиња на контроверзни личности кои претставуваат провокација не само за етничките Македонци туку и за сите граѓани кои живеат во Северна Македонија“,
нагласуваат од МНР.
Во тој контекст, велат оттаму, не постои никаква оправдана основа ниту сериозен аргумент да се поврзе работата на историската комисија со измените на Законот за здруженија и фондации.
„Таа ќе ја продолжи својата работа врз научно аргументирани и потврдени факти и нема допирна точка со условите под кои се формираат и функционираат здруженијата на граѓани и фондации“,
се вели во реакцијата.
Од МНР посочуваат дека остануваат на ставот дека за случајот со физичкиот напад врз македонскиот државјанин Христијан Пендиков во Охрид, институциите на системот реагираа соодветно, сторителите се приведени, истрагата е во тек, а преку јавни политички активности настанот го осудија највисоките претставници на државата, како што се претседателот на државата, премиерот и министерот за надворешни работи.
Во соопштението на МНР се потсетува и дека шефот на дипломатијата Бујар Османи оствари итна вонредна посета на Софија за да го посети повредениот Пендиков, со што и во политичка смисла ја искажа намерата на државата за грижа кон сите нејзини граѓани подеднакво.
„Оттука многубројните изјави за овој случај, сега веќе преточени и во содржината на декларацијата, ги сметаме за преувеличени и неосновани, кои на ниту еден начин не соодветствуваат на реалноста. Во исто време сакаме да ја искористиме можноста и да повикаме на воздржаност од натамошни одлуки и дејствија кои сериозно им штетат на односите меѓу двете земји и нивните граѓани, токму во духот на европските вредности и слободи“,
апелираат од МНР.
Бугарскиот парламент денеска на последниот ден од својата работа пред да се распушти поради парламентарните избори во земјата закажани за почетокот на април, усвои декларација во која категорично го осуди насилството врз македонските Бугари во Република Македонија, како и омаловажувањето на проблемот со правата и безбедноста на Бугарите во РСМ. Софија, преку документот го осуди говорот на омраза и инсистира на спроведување на Договорот за пријателство кој, како што се наведува, властите во Скопје не го почитуваат.
Декларацијата беше усвоена со големо мнозинство од 184 гласа „за“ и еден „воздржан“.
Документот беше усвоен само еден ден откако делегација на македонските Бугари беше пречекана во Европската комисија од страна на европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји. Една од причините за усвојување на декларацијата е претепувањето на Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб во Охрид „Цар Борис Трети“, македонски државјанин кој се декларира како Бугарин.
Инаку, усвојувањето на декларацијата доаѓа два дена пред одбележувањето на 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, кое е означено како настан од висок ризик, поради што Владата и МВР, а по предлози на Советот за национална безбедност, преземаат мерки за мирно и достоинствено чествување.
Во таа насока беше и средбата меѓу министрите за надворешни работи на С Македонија и Бугарија, Оливер Спасовски и Иван Демерџиев во Скопје, по која и двајцата изразија уверување дека чествувањето на Гоце Делчев ќе помине без инциденти.