Граѓаните, на изборите на 15 јули, одлучуваа дали ќе дадат поддршка на прогресивните сили или ќе не вратат назад во мрачното време, кога се трагаше по античките корени и Хунзите, истакна во денешното обраќање во Собранието новата пратеничка на СДСМ Сања Лукаревска.
Таа посочи дека победата на СДСМ и коалицијата „Можеме“ е потврда дека граѓаните се определија за членството во НАТО, за почеток на пристапни преговори со ЕУ, за длабоки внатрешни реформи чија круна е прочистување на судството, испорака на правда и владење на правото, што ќе донесе економски развој и подобар животен стандард.
„Ова е Влада на континуитет и нова надеж и Влада која излезе со програмска понуда за следните четири години,во која се детектирани сите претходни слабости и земени се предвид пораките на граѓаните и тоа што од нас бараат да го испорачаме“,
рече Лукаревска.
Иван Јорданов, новиот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, пак, оцени дека новиот кабинет на Заев е „Титаник – влада“.

„Велите дека оваа влада ќе трае долго и дека е направена за големи цели, со многу пари, исто како бродот за кој се тврдело дека е непотоплив. Гледајќи ги партиите од владејачкото мнозинство, повеќе или помалку наликуваат на горните слоеви од овој брод, елитизам, глумење сила, еминенција, пари, а помалите политички партии од тој состав се оние патници сместени во долните слоеви, надевајќи се дека ќе бидат дел, дека ќе сркнат од сребрената лажица, иако помалите партии ништо не добија во оваа коалиција. Титаник бил потопен од санта мраз, а оваа влада за кратко време ќе биде потопена од санта мраз наречена македонски народ“,
истакна Јорданов.