Од болницата посочиле дека момчето вчера било лекарски третирано, му била дадена терапија и било пуштено дома, но ноќта меѓу вторникот и средата повторно имало висока температура и влошување на состојбата, што било причина да се врати во болница и да го хоспитализираат
Дваесет и четиригодишно момче Симеон Т. од битолското село Цапари вчера доцна попладнето починало во битолската Клиничка болница, откако било примено со многу висока температура и треска. Тоа било згрижено на одделот за Интензивна нега и биле консултирани конзилијарно и лекари од други одделенија, но од час во час состојбата му се влошувала. По речиси десет часа од хоспитализацијата, момчето починало, јави „Независен“.
Обдукцијата покажала дека причината за смртта кај момчето е десеминирана интраваскуларна коагулација (ДИК) и дека немало лекарска грешка. Од битолската Клиничка болница изјавиле дека наодот покажал дека смртта настапила поради тежок инфект и внатрешно крвавење на органите.
„Наодот од обдукцијата покажа дека причината за смртта кај младиот пациент е ДИК или десеминирана интраваскуларна коагулација. Тоа е брзо трошење на факторите на згрутчување на крвта и доведува до неконтролирано крварење на многу органи и системи во организмот, а резултира со прогресивно создавање тромбози и микротромбози кај сите органи. Сето ова е предизвикано од тежок инфект кај детето. Обдукцијата покажа дека нема лекарска грешка“,
изјавила д-р Елизабета Ивановска, директорка на битолската болница за „Независен“.
Од болницата посочиле дека момчето вчера било лекарски третирано, му била дадена терапија и било пуштено дома, но ноќта меѓу вторникот и средата повторно имало висока температура и влошување на состојбата, што било причина да се врати во болница и да го хоспитализираат.
„Момчето претходно било високо фебрилно дома седум дена, нелекувано, нејавено на лекар. Претходниот ден дошло на Инфективно, земени се брисеви, лабораторија и пуштено дома со терапија. Но, ноќта повторно било високо фебрилно и вчера сабајле доаѓа на Интерно, контактибилно, но имаше многу лоши наоди од лабораторија. Го зедоа во службата за анестезија, бидејќи имаше целосен дисбаланс во организмот. Таму беше до 18 часот, но состојбата се влошуваше од час во час. Комплетно беше третирано со направени анализи на компјутер, глава, абдомен, торакс, повикани конзилијарно лекари од други одделенија на болницата. Го прегледаа доктори од Неврологија, Инфектологија, ОРЛ, Хирургија, Очно и други одделенија“,
додала д-р Ивановска.