Се верува дека егзекуциите се првите кои се извршени во Мјанмар во последните неколку децении. Според Обединетите нации, ова е прво извршување на смртни казни од 1988 година. Егзекуциите доаѓаат по минатогодишното преземање на власта од воената хунта
Четворица демократски активисти се егзекутирани од војската на Мјанмар, која лани изврши државен удар и ја презеде власта во земјата што тогаш предизвика масовни демонстрации кои беа задушени од војската и беа затворени продемократски демонстранти, активисти, новинари.
Станува збор за четворица мажи, меѓу кои и познатиот активист Ко Џими и поранешниот пратеник Фио Зеја Тау кои биле обвинети за „терористички акти“.
Тие претходно беа осудени зад затворени врати, а денеска членовите на нивните семејства се собраа пред затворот каде беа затворени очајни барајќи информации за нивните најблиски, јавува Би-би-си.
Мајката на еден од нив изјавила дека не ѝ било кажано кога точно ќе биде погубен нејзиниот син поради што не можела да ги направи подготовките за погреб.
„Кога се видовме на Зум минатиот петок, мојот сун беше здрав и насмеан. Тој ме замоли да му испратам очила за читање, речник и малку пари за да ги користи во затворот. Јас ги донесов тие работи денеска. Не мислев дека ќе ги погубат. Не верував“,
изјавила мајката, пренесува Би-би-си.
Државниот медиум „Глобал њуз лајт“ објави дека четворицата мажи биле егзекутирани бидејќи „давале директиви, договарале и извршувале заговори за брутални и нехумани терористички акти“. Медиумот кој е под контрола на власта, тврди дека активистите биле обвините според законите за борба против тероризмот, но не наведува кога и како тие биле егзекутирани.
Се верува дека егзекуциите се првите кои се извршени во Мјанмар во последните неколку децении. Според Обединетите нации, ова е прво извршување на смртни казни од 1988 година. Тогашните егзекуции биле извршувани со бесење.
Невладината организација за човекови права „Хјуман рајтс воч“ егзекуциите ги нарече крајно суров чин и побараа ЕУ, САД и другите држави да ѝ покажат на хунтата во Мјанмар дека ќе одговара за своите злосторства.