Фејсбук, како една од најпопуларните социјални мрежи во Мјанмар, од денеска е целосно блокиран за користење, со цел да се прекинат обидите да се организира граѓанска непослушност.
Мобилниот оператор „Теленор Мјанмар“ преку соопштение потврди дека мобилните оператори и интернет-провајдерите во Мјанмар добиле инструкции од Министерството за комуникации привремено да го блокираат Фејсбук. „Теленор Мјанмар“, кој е дел од норвешката група „Теленор“, наведе дека ќе се придржува до наредбата, иако оттаму истакнуваат дека се загрижени дека со тоа ќе се нарушат човековите права. Фејсбук, исто така, ја потврди таа информација.
Група демонстранти се собраа денеска во Мандалај, вториот по големина град во Мјанмар, во знак на протест против преземањето на власта од страна на армијата.
На еден од транспарентите поставени од демонстрантите пишува: „Луѓето протестираат против воениот удар“.
Демонстрантите бараат ослободување на уапсените политички лидери.
Ова е прв протест откако армијата ја презеде власта во понеделникот.

Полицијата во Мјанмар вчера поднесе обвинение против соборената лидерка Аунг Сан Су Чи за нелегален увоз на опрема за комуникација и ќе биде во притвор до 15 февруари заради истрагата, објави Ројтерс повикувајќи се на полициски документи. Во полициското барање до судот се наведуваат детали за обвиненијата против 75-годишната добитничка на Нобеловата награда за мир, а при претресот на нејзиниот стан биле пронајдени воки-токи уреди, увезени нелегално и користени без дозвола.
Затоа полицијата бара притвор за Су Чи со цел да се испитаат сведоците, да се побараат докази и правни совети откако обвинетата ќе даде исказ. Националната лига за демократија (НЛД), партијата Аунг Сан Су Чи, вчера објави на Фејсбук дека приведената лидерка е обвинета според одредбите на Законот за увоз и извоз.
Полицијата поднесе обвинение и против претседателот Вин Минт, кој, како што тврди полицијата, го прекршил Законот за управување со кризи.