ВМРО-ДПМНЕ повторно го критикува текот на вакцинацијата против ковид-19 и ја обвинува власта дека потфрли во имунизацијата на населението.
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, порача дека трагично е што Македонија, како што вели, моли за вакцини од соседите и дека со ова темпо ќе требаат 10 години за да се вакцинира целото население.
„Во овој момент е трагично тоа што Република Македонија се наоѓа во ситуација во која ќе моли и буквално ќе проси од комшиите за да добие некоја доза на вакцини. Вчера имаше едно интервју, чинам од господинот Венко Филипче, во кое кажува колку ќе биде комплицирана процедурата за вадење, растопување и имунизација на самото население и дека ќе се имунизираат 300 луѓе дневно. Со имунизирање по 300 луѓе со првичната доза на ден, ќе ни требаат 10 години за да го имунизираме целокупното население на државата“,
порача Мизрахи.
Мизрахи дополни дека доцнењето на имунизацијата, освен здравствени, нанесува и економски штети.
„За мене ова е трагедија бидејќи ако имунизираме по 300 луѓе со првичната доза на ден нам ќе ни требаат околу 10 години да го имунизираме целокупното население во Македонија и за оние повозрасни гледачи еве моја генерација и повозрасни ќе упатам еден апел да се потсетиме како се имунизиравме ние и како медицинските сестри доаѓаа и по училиштата и имунизираа деца од прво, трето, четврто одделение, се работи за деца што не е лесно секогаш да се контролираат, па се примаа по две, три, четири, пет илјади дози дневно и се имунизираше целото население. Ова е веќе трагикомично, невредно е да се коментира, иако како Собрание мора да го коментираме бидејќи ова доцнење не ни нанесува само здравствени огромни штети и губење на човечки животи туку и огромни економски штети“,
порача Мизрахи.