Во меѓувреме грчките медиуми објавија дека по распитот од полицијата уапсен е шефот на железничката станица во Лариса поради директниот судир на двата воза кои според извештаите 2-3 километри се движеле по иста пруга во спротивни правци пред да налетаат еден на друг во директен судир
Железничкиот транспорт во Грција, според британскиот весник, го оперира италијанската групација „Феровие дело стато Италиане“ (Ferrovie dello Stato Italiane), која управува со 342 патнички и комерцијални линии дневно во Грција
Главното прашање на кое сите бараат одговор по железничката несреќа во Грција во која животите ги загубија над 30 лица, а повеќе од 60 се повредени, е како воопшто можело да дојде до несреќа од таков размер во модерно време, пишуваат светските медиуми.

Несреќата се случи кусо пред полноќ, кога дошло до директен судир меѓу товарен и патнички воз во близина на местото Темпи кај грчкиот град Лариса.
Многумина трагедијата ја опишуваат како најтешка железничка несреќа во живото сеќавање на Грција, а причините за неа, барем на почетокот, се припишуваат на човечка грешка, пишува „Гардијан“ повикувајќи се на грчки официјални претставници и извештаи на локалните медиуми.
Се наведува дека двата воза се движеле по истата пруга 2-3 километри пред да налетаат еден на друг во директен судир.
Уапсен е шефот на железничката станица во Лариса
Сообраќајната полиција на Лариса, која ги истражува причините за несреќата, според грчката новинска агенција АНА-МПА, објави дека раководителот на железничката станица во Лариса е приведен на распит.
Откако беше приведен раководителот на железничката станица во Лариса и официјално е обвинет за убиство од небрежност, како и за нанесување телесна повреда од небрежност и опасни интервенции во превозни средства, јави грчката новинска агенција.
Педесет и деветгодишниот шеф на станицата, кој е задолжен за сигнализацијата ги негирал обвинувањата и посочил на можен технички дефект кој довел до несреќата, пренесе Би-би-си.

Јавниот обвинител Стаматис Даскополопулос, кој има задача да ја надгледува истрагата, рече дека сведоците веќе почнале со давањето искази.
Министерот за заштита на граѓаните Такис Теодорикакос, кој беше на пат за Лариса придружувајќи го премиерот Кирјакос Мицотакис, се очекува да стапи во контакт со шефовите на службите што ја истражуваат трагичната несреќа.
Мицотакис: Ќе дознаеме како се случила несреќата
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис од местото на трагедијата порача дека најитна должност не е само „да се лекуваат раните и да се идентификуваат телата“, туку да се дознае како се случила трагедијата.
„Можам да гарантирам само едно – ќе ја дознаеме причината за трагедијата и ќе направиме сè што е во наши раце за вакво нешто никогаш повеќе да не се случи“,
им рече тој на новинарите, пренесува Гардијан.
Железничкиот транспорт во Грција, според британскиот весник, го оперира италијанската групација „Феровие дело стато Италиане“ (Ferrovie dello Stato Italiane), која управува со 342 патнички и комерцијални линии дневно во Грција.
Воздухот уште мириса на изгорено
Воздухот во околината мириса на изгорено од далеку и по повеќе од 12 часа од најсмртоносната железничка несреќа во Грција во последните децении, пренесува Би-би-си од местото на несреќата.
Спасувачките екипи се обидуваат да пронајдат траги на живот во остатоците од возот, но и нив почнува да ги обзема замор од неколкучасовната непрекината работа.
Потрагата по заробените патници е насочена кон првите три вагони, но надежта е мала, наведува Би-би-си.

Новинарката Ели Кашоли за британскиот национален сервис известува дека 20-25 лица се водат како исчезнати, но дел од нив се претпоставува дека се патници кои го напуштиле местото на несреќата без да бидат евидентирани.
Репортерката, исто така, како многу тешка ја опишува ситуацијата во болниците каде што се наоѓаат членовите на семејствата на загинатите кои треба да извршат идентификација телата на своите сакани од кои дел се тешко изгорени.
Во железничката несреќа кај Лариса животите ги загубија најмалку 36 лица, а повредени се 66 . Тие се хоспитализирани, од кои дел на оддел за интензивна нега.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис од денеска до петок прогласи тридневна жалост во Грција по железничката несреќа.