„Кога некој го влече јажето, ќе треба да биде подготвен да се скине. И ако отстапува од договорениот тек, да знае дека ќе наиде на затворен пат кон Европа. Пат кој поминува од Грција и почитувањето на меѓународното право“ – вели грчкиот премиер во интервју за „Та неа“
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ја повтори пораката дека „европскиот пат на Северна Македонија поминува низ Грција“ и може да остане затворен во случај да не се почитува договореното од Преспа.
Во интервју за весникот „Та неа“, Мицотакис побара да се почитува Договорот, пренесе МИА.
„Кога некој го влече јажето, ќе треба да биде подготвен да се скине. И ако отстапува од договорениот тек, да знае дека ќе наиде на затворен пат кон Европа. Пат кој поминува од Грција и почитувањето на меѓународното право“,
вели Мицотакис во интервјуто.
Интервјуто го следи грчкиот премиер патувајќи со него до градот Аргос, каде што Мицотакис во четвртокот одржа предизборен митинг.
Тој уште се осврнува и на подготовките за митингот, односно што се случува зад камерите, а говори и за сите актуелни теми во Грција, за надворешната политика и односите со соседите, а „Та неа“, интервјуто на насловната страница го најави под наслов „Ако го влечеш јажето, ќе се скине“, односно со пораката што ја испрати до Северна Македонија.
Реакциите од грчките власти не стивнуваат по првиот говор на претседателката Гордана Силјановска-Давкова во македонското Собрание, кога при заклетвата го употреби терминот „Македонија“, без придавката „Северна“.