Од понеделник, целосно се укинува ограничувањето на движењето, односно обврската на граѓаните при секое излегување да праќаат смс или да пополнуваат потврда
Со целосно укинување на ограничувањето на движењето и отворање на дел од продавниците, од понеделник – 4 мај, почнува постепеното олабавување на рестриктивните мерки во Грција. Една седмица подоцна ќе се отворат и другите продавници и матурантите ќе се вратат на училиште, додека пак угостителските објекти и дел од хотелите ќе почнат со работа на први јуни, согласно со главните оски на „безбедносниот мост кон новото секојдневие“ што ги соопшти грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во видеообраќање.
Мицотакис, презентирајќи ги главните точки на планот за следните два месеци, под слоган „Остануваме безбедни“, рече дека земјата го ограничи првиот бран на вирусот и дека е подготвена да помине во втората фаза од планот, јави МИА од Атина.
Од понеделник, целосно се укинува ограничувањето на движењето, односно обврската на граѓаните при секое излегување да праќаат смс или да пополнуваат потврда. Паралелно, ќе се отворат книжарниците, продавниците за бела техника и за спортски реквизити, фризерските салони (само со закажување), додека, пак останатите продавници, ќе почнат со работа една седмица подоцна – на 11 мај, а трговските центри на 1 јуни.
Наставата за матурантите ќе започне на 11 мај, а една недела подоцна одново ќе тргнат на училиште учениците од средните училишта, но под посебни правила за да се избегне метеж.
Основните училишта и градинките засега остануваат затворени, а постои веројатност да се отворат на 1 јуни, само, како што рече Мицотакис, „ако сме апсолутно сигурни дека текот на епидемијата се движи по надолна линија“.
Во однос на црквите, Мицотакис рече дека од 4 мај ќе бидат отворени за индивидуални молитви, додека пак од 17 мај верниците ќе може да присуствуваат на литургиите, но под одредени правила кои дополнително ќе се одредат. На 1 јуни ќе почнат со работа угостителските објекти, а ќе се отворат и хотелите што функционираат во текот на целата година.
Грчкиот премиер рече дека во текот на летото речиси е невозможно да се дозволат големи собири, како што се фестивали, концерти и или спортски натпревари со публика.