Изјавата на грчкиот премиер следува откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера изјави дека негово човеково право е својата држава да ја нарекува како што сака, и покрај тоа што, како што рече, употребата на уставното име во комуникацијата во и меѓу институциите останува согласно законските одредби
Доколку целосно не се придржува до Договорот од Преспа, патот на С Македонија до Европската Унија ќе остане затворен – порача денеска грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.

Говорејќи пред граѓаните во градот Верија во северна Грција, Мицотакис го повтори ставот на партијата Нова демократија за Договорот од Преспа и уште еднаш посочи дека усогласувањето со неговите одредби е неопходен услов како за европската перспектива, така и за ратификација на меморандумите за соработка.
„Би сакал одовде, од срцето на Македонија, да сум целосно јасен. Нова демократија не го гласаше Договорот од Преспа и изразивме сериозни приговори кога се ратификуваше во грчкиот парламент. Но, со апсолутна искреност рековме дека штом се изгласа овој договор практично не може да се смени и дека ќе бидеме принудени, и покрај проблемите што ги има, да го почитуваме. И ова го сторивме. Ако веруваат дека од нивна страна може да не го почитуваат, да знаат две работи – прво нивниот пат кон Европа ќе остане затворен и второ, меморандумите што треба да ги ратификуваме нема да се ратификуваат сè додека нема апсолутното усогласување. Апсолутно усогласување од новата влада согласно она што го предвидува Договорот“,
рече Мицотакис.
Изјавата на грчкиот премиер следува откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера изјави дека негово човеково право е својата држава да ја нарекува како што сака, и покрај тоа што, како што рече, употребата на уставното име во комуникацијата во и меѓу институциите останува согласно законските одредби.