Опозицискиот лидер Христијан Мицкоски на средбата со шефот на унгарската дипломатија Петар Сијарто изрази благодарност за брзата реакција од унгарската влада, која, како што рече, веднаш реагирала на неговиот повик за хуманитарна помош за справување со пандемијата на коронавирусот.
„Пријателите се познаваат во неволја, кога во тешки моменти споделуваат помош. Сакам да им се заблагодарам на унгарскиот премиер Орбан и на министерот Сијарто затоа што ова е прва меѓудржавна посета откако се затворија границите. Благодарност за брзата реакција на унгарската влада. Минатата недела оствариме комуникација и соопштив дека е потребна помош, а денес таа помош се реализира“, порача Мицкоски.
Мицкоски најави дека ќе предложат до Владата уредба за парична награда на сите кои се вклучени во првите борбени линии со коронавирусот. Дополнително, како што рече, ќе продолжи да ургира за хуманитарни донации од други држави.
„Времето поминато во политикантство и ниски страсти е пропуштено време за вистински да се помогне. Затоа решив да помогнеме од позиција на опозиција со сите наши сили и онолку колку што дозволуваат условите. Не е важно кој побарал помош, важна е помошта“,
изјави Мицкоски.
Унгарскиот министер изјави дека донацијата од заштитна опрема ќе биде наменета и за Министерството за внатрешни работи, потенцирајќи го притисокот на граничните премини од миграцискиот бран.
„Причината зошто сум тука е повикот од Христијан од минатата недела, кога истакна дека е потребна хуманитарна помош од Унгарија за справување со пандемијата и затоа денеска со мене носам 100 000 маски и 5 000 комбинезони. Се надевам дека опремата ќе им служи за да бидат подобро опремени, а уште повеќе тоа е значајно затоа што вашите полициски службеници ја штитат границата од напливот на мигранти“,
порача Сијарто.
Поврзани вести:
Сијарто отрфла влијание од Груевски и вели не е важно што мисли Заев за состојбата во Унгарија