Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на новинарско прашање како го коментира обвинението за Мухамед Зеќири, рече дека е згрозен иако верува во пресумција на невиност и остава органите да си ја завршат работата.
„Ако е тоа вистина, згрозен сум бидејќи еден Рашковски се замени со друг, но јавноста треба да знае дека тие крадат за некој друг, за тој што ги поставил таму и многу малку останува за нив. За нив останува срамот и, за жал, сѐ повеќе се разочаруваат и ако некој сѐ уште си го поставува прашањето зошто Македонија се намалува и граѓаните се селат, тоа е токму поради овие причини“,
изјави Мицкоски.
Обвинителството денеска соопшти дека во периодот од април 2021 до јануари 2022, со искористување на својата службена положба генерален секретар на Владата, првоосомничениот во случајот без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале двајца хрватски државјани, кои исто така се осомничени.
