Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ предупредувањето на американската амбасадорка во однос на договорот со Грција било со цел оваа тема да не доминира во кампањата за изборите
Нема да ја игнорираме реалноста што ја создаде Преспанскиот договор, ама ќе се обидеме да ја исправиме неправдата. Вака одговори лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во вечерашната емисија „Топ тема“ на Телма, на прашање како неговата партија, во случај на смена на власта во земјава на претстојните избори, ќе го третира Преспанскиот договор.
Мицкоски избегна поконкретен одговор на ова прашање, како и на прашањето во врска со изјавата на амбасадорката на САД во земјава Кејт Брнс во која повика ВМРО-ДПМНЕ да не ги заведува граѓаните за значењето на Договорот од Преспа. Според Мицкоски, оваа изјава на амбасадорката се толкува несоодветно кај дел од јавноста. Предупредувањето на амбасадорката, според Мицкоски, било во насока на тоа Договорот од Преспа да не се злоупотребува во изборни цели.
„Таа изјава на амбасадорката беше во насока на тоа Преспанскиот договор да не биде главна тема на изборите, затоа што имаме реални проблеми во државата, како миграција корупција, отсуство на странски инвестиции… Јас мислам дека живеам во демократска држава, во која не треба да се суди за поразлично мислење. Луѓето имаат право да се борат за остварување на своите соништа. Ние нема да ја игнорираме реалноста, ама ќе се бориме да ја исправиме неправдата,“
изјави Мицкоски.
Тој додаде дека никој не вели дека не е потребен договор со Грција, за што преговарале сите влади досега. Ама, како што рече, не и ваков договор, каков што беше потпишан во Преспа.
Според Мицкоски, донесувањето на законото за јавно обвинителство не е услов за ЕУ. Тој посочи и дека, со оглед на новата методологија, веќе не станува збор за датум за преговори со ЕУ, туку за процес во кој, како што посочи, треба да се вложат сите релевантни чинители во земјава, независно од тоа која политичка опција ќе биде на власт во текот на преговорите.
Во однос на можното одложување на изборите договорени за 12 април, Мицкоски рече дека техничката влада има ограничен мандат.
„Минатите избори се пролонгираа речиси една година. И сега имаме техничка влада со ограничени маневарски капацитети. Затоа граѓаните дополнително ја губат довербата во системот. Тие, исто така, дополнително ќе бидат разочарани ако на сила се обидеме да го спречиме или одолговлечиме процесот…“,
изјави Мицкоски.