„Не би го коментирал ниту предлогот ниту човекот што го дава тој предлог. Дадовме контрапредлог. Да одиме на избори без техничка влада, да го смениме законот и веднаш да одиме на избори. Да не губиме време. Еве не треба техничка влада“, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, не сака да го коментира предлогот на првиот вицепремиер Артан Груби опозициската партија да ги поддржи уставните измени и потоа да се оди на предвремни избори.
Мицкоски вели дека уставните измени не ги споменува никој од граѓаните и дека тие постојат само во главите на неколку политичари кои и самите не веруваат во нив.
„Не би го коментирал ниту предлогот ниту човекот што го дава тој предлог. Дадовме контрапредлог. Да одиме на избори без техничка влада, да го смениме законот и веднаш да одиме на избори. Да не губиме време. Еве не треба техничка влада“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за време на денешната посета на Стајковци, каде што присуствуваше на отворање на спортска сала.
Според лидерот на најголемата опозициска партија, уставните измени не се приоритет за граѓаните.
„Ако ги прашувате граѓаните, кои се вашите приоритети, тие ќе ви набројат најмалку 15 приоритети и ако не ги потсетите на уставните измени, никој нема да ги спомене“,
посочи Мицкоски.
Според него уставните измени се прашање кое на сила го форсираат неколку политичари мислејќи дека тоа ќе ги спаси нивните политички кариери.
„Секој политичар и пратеник треба да знае дека уставни измени не се за вклучување на дел од бугарскиот народ во преамбулата, туку за спас на политичката кариера на Артан Груби, Али Ахмети, Димитар Ковачевски, Бојан Маричиќ и останатите. Ова нема врска со Европа, освен со криминал и пари“,
вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Прашан за коментар во врска со денешната изјава на премиерот Димитар Ковачевски дека засега не е предвидена лидерска средба и дека уставните измени ќе се носат преку јавни дискусии во кои ќе бидат вклучени сите засегнати страни, Мицкоски вели дека на одржаната средба во Клубот на пратеници тие како партија веќе кажале што им пречи и не гледаат причина да го повторуваат истото.
„Им рековме немојте да прифаќате нешто што не можете да го испорачате – најпрвин тоа е промената на Уставот, бидејќи се потребни две третини, а потоа да прифаќате и вклучување на билатералниот договор со Бугарија во преговарачката рамка. Не нè послушаа, прифатија. Неколку месеци им велам ајде да одиме на избори, бидејќи создадовте проблем. Значи, ние имаме проблем. Ајде да одиме на избори, па секој од политичките чинители да понуди решенија за овој проблем, затоа што со ставање пиштол на глава не се решава овој проблем. Во Клубот на пратеници ние кажавме што ни пречи. Јас седнав со Ковачевски и му кажав што ни пречи. Не гледам причина зошто повторно истото да го повторуваме. Нема нешто сменето. Нема сменети околности“,
изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.