На бугарскиот претседател Румен Радев и на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, за кои кажа дека се поискусни од него и подолго време на позициите, премиерот им порача да ги преиспитаат своите изјави и начин на однесување и додаде оти македонскиот народ е мирољубив и подготвен за разговор и соработка која треба да е обострана
Навикнат сум на омаловажување и навреди, но мислев дека таквиот начин на однесување сме го оставиле во средниот век, изјави премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи ја изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев оти македонскиот премиер нема познавање од меѓународното право.
„Јас сакам како балкански држави да ги следиме примерите на друг тип држави како што се балтичките, скандинавските, па сите заедно со изградени мостови сложно и здружено да настапуваме на трети пазари пред официјалните лица во ЕУ, насекаде во светот да градиме една добрососедска политика. Со омаловажување и со навреди таа работа не бива. Ако тие одлучиле така да тераат, јас мислам дека ваквиот начин на однесување сме го оставиле во средниот век“,
изјави Мицкоски.
На бугарскиот претседател Румен Радев и на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, за кои кажа дека се поискусни од него и подолго време на позициите, им порача да ги преиспитаат своите изјави и начин на однесување и додаде оти македонскиот народ е мирољубив и подготвен за разговор и соработка која треба да е обострана.
„Со 8 мај завршија времињата кога ја гледаа соработката со македонските политичари како еднонасочна улица. Жалам што гледаат промена во политиката овде. Поминаа времињата кога во македонската влада ќе има политичари со свиткан ‘рбет, политичари што се себепонижуваат, што се подготвени да потпишат сè само не да го заштитат интересот на македонските граѓани. Од друга страна, додека тоа го прават, мавтаат со европското знаме и паралелно ги ограбуваат државата и граѓаните. Мора да се навикнат на политичари што се тука да ги штитат интересите на граѓаните, да работат за доброто на татковината, за иднината и подготвени сме со секого да градиме добрососедски односи“,
додаде премиерот.
Изјавата на Мицкоски следува откако бугарскиот претседател Румен Радев вчера од Атина излезе со оценка оти раководството во земјава нема познавање од меѓународното право, зашто, како што кажа, кога ќе се потпише меѓународен договор, тој треба да се исполни од сите идни влади, а не да се ревидира. Радев ова го кажа во контекст на изјавите на македонскиот премиер оти е можна промена на Преговарачката рамка.