Премиерот рече дека не го негира постоењето на бугарското малцинство во земјава кое, како што кажа, заедно со другите е признаено уште од раните 40-ти години, но обвини дека во Бугарија постои тивка и постепена асимилација на македонското малцинство. Потврда за тоа, како што вели, се пресудите на Судот за човекови права во Стразбур
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека е подготвен да седне на иста маса со бугарскиот претседател Румен Радев и со лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, и со факти и аргументи да разговара за иднината, но оцени дека добрососедство не е ако нема меѓусебна почит и ако едната страна е понижена, а другата ликува.
Тој ова го кажа коментирајќи ги изјавите на Радев и Борисов кои, пак, реагираа на неговата изјава од пред два дена кога кажа дека Преговарачката рамка може да се промени и оти за тоа ќе се обиде да најде решение со новата влада во Бугарија.
Изјавите на бугарските политичари, особено онаа на Румен Радев, кој рече дека се паднати маските и дека новата влада во земјава покажала страв од прифаќање на термините „Бугарин“ и „бугарско“, Мицкоски ги оцени за анахрони и изјави кои се дел од средниот век, а не од современа Европа.
„Јас сум подготвен да седнам и покрај тоа и да разговарам и со едниот и со другиот. Му посакувам на господинот Борисов да ја формира владата во Бугарија бидејќи ние доаѓаме од Европската народна партија и логично е јас да посакувам нашиот источен сосед да има премиер кој доаѓа од истото семејство. Тоа не треба да имате дилема. Но, исто така, мојата порака е дека поминаа времињата кога овде кај нас имаше политичари кои беа сервилни, коишто виткаа кичма, коишто коленичеа, потпишува се и сешто што им беше ставено на маса. Од друга страна во името на европското знаме го ограбуваа народот, ја засрамуваа и понижуваа својата татковина“,
рече Мицкоски.
Мицкоски вели дека тој е за почитување на договорите, но е со став дека тоа е двонасочна улица и оти треба да постои меѓусебна почит меѓу соседните земји. Не е добрососедство ако едната страна е понижена, а другата ликува, рече премиерот и оцени оти тоа е срам за едната, а оти другата страна не ја исполнила својата цел.
Рече дека не го негира постоењето на бугарското малцинство во земјава кое, како што кажа, заедно со другите е признаено уште од раните 40-ти години, но обвини дека во Бугарија постои тивка и постепена асимилација на македонското малцинство. Потврда за тоа, како што вели, се пресудите на Судот за човекови права во Стразбур.
„Четиринаесетте пресуди од Европскиот суд за човекови права се донесени – дека постои македонско малцинство во Бугарија чие право да се организира во невладина организација, не да биде во Уставот, во невладина организација, за жал, од ваков тип на политичари каков што е господин Радев е оневозможено. Јас повикувам на добрососедски односи, на двонасочна улица заеднички да најдеме решение бидејќи ние треба како добри соседи да разговараме на основа на аргументи и факти, да не го политизираме ова, да не го сведуваме на ниски страсти. Овој народ направи многу за европската иднина и очекувам Европа да му врати на овој народ и на оваа држава“,
рече Мицкоски.
Прашан дали има некакви гаранции од Брисел дека ова прашање ќе се надмине, Мицкоски не даде конкретен одговор, туку кажа дека како влада се подготвени да градат мостови со соседите и изрази подготвеност за разговори засновани на факти и аргументи и со Брисел и со официјална Софија.