Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во говорот по повод 2 Август, рече дека овој празник е за сите и дека ова се најтешките години од независноста досега, за што ја искритикува власта
Додека трае споменот за Илинден, ќе трае и Македонија. Двата Илиндена не беа создадени за да не успееме, туку за да живее идејата која донесе слобода…, се дел од пораките што ги испрати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во неговиот илинденски говор од Ташмаруништа.

„Знам дека ова се најтешките години од независноста до денес, но сетете се колку им било тешко на грамадните Илинденци да кренат востание против најголемата империја и асномците да се борат против дотогаш најголемата воена сила позната во човештвото. Голораки, против најголемите, но со срце пламено, со храброст грамадна. Илинден е на сите и затоа денес Македонија мора да биде земја за сите. И затоа мораме да успееме како земја и не смееме да се задоволуваме со просечни работи, а во ова тешко време просечноста ни изгледа добра, бидејќи си имаме работа со најлошите што некогаш се појавиле на нашата политичка сцена“,
рече Мицкоски.
Во остатокот од неговиот говор, тој го критикуваше претседателот Стево Пендаровски, владата предводена од премиерот Зоран Заев и даваше изборни ветувања.
Според Мицкоски, срамно е што за првпат во 30 години независност се менува прославата за Илинден и што на Мечкин Камен нема да има говор што, тој смета дека е од причина што власта нема што да каже и што се плаши од народот.
„Стево Пендаровски не може да биде точката на обединување, тој е точката на разделување. Зошто е точката на разделување? Затоа што човекот фати страна и реши да молчи тогаш кога требаше да биде гласен. Кога имаше изборни фалсификати, кога требаше да се спротивстави на лошите закони, кога Заев си договараше промени на сметка на идентитетот. Јас не би бил искрен и ќе го разочарав народот ако денес бев заедно со нив, и би послужил на таквиот декор, а тие вечер ќе си продолжеа со нивниот традиционален криминал. Одбрав да бидам тука меѓу вас во Ташмаруништа, меѓу народот“,
рече Мицкоски, кој ја одби поканата од Пендаровски да присуствува на прославата во Крушево, која ја нарече „циркуски церемонијал“.
Во илинденскиот говор, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потоа се префрли на критките кон Заев и на иницијативата „Отворен Балкан“ односно „мини шенген“.
„Париз, Брисел и Берлин, не може да бидат, со должно почитување кон нашите соседи, Врање, ниту пак Драч. Но, гумата за спасување на Заев која се вика „мини шенген“ е само доказ колку државава тапка во место и колку е неуспешна владата. А уште е понепријатно кога ќе го видите премиерот на сопствената земја, во друштво на мојот пријател Вучиќ и на Рама, како се труди да најде барем еден проект во главниот град за да се пофали дека нешто сработил, нешто изградил изминативе четири години, а всушност ги фали проектите на владите на ВМРО-ДПМНЕ. Навистина е тешко да се гледа туѓиот срам. На човек му доаѓа да се срами од туѓиот срам“,
зборуваше Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека има концепт и визија, па ги нагласи ветувањата за просечна плата од 45 000 денари, бесплатен приклучок на гас, поевтина струја, дигитализирање на општините … и повика на излезност на изборите.
„Работата не е да направиме коалиција за власт, туку коалицијата на народот против Заев. Од тука, точката на нашето обединување е да дадеме отпор кон власта и да ја кренеме урнисаната држава на нозе. Но затоа е потребен свесен народ и политичари кои ќе гледаат подолгорочно од своите апетити и интереси. Затоа обединувањето во еден блок против оваа власт ќе биде жестока шлаканица за власта, која ќе падне за неколку месеци по локалните избори. И само така ќе може да ставиме точка на криминалот, на тапкањето во место и да обезбедиме иднина за сите, да обезбедиме Македонија за сите луѓе. Блок на различни, но со една цел – туркање на оваа власт. Овие локални избори не се само избори каде што вие ќе гласате ‘за’ или ‘против’ локалните авторите и медиокритети кои се залегнати во своите фотелји, туку битно е каква порака ќе им испратите на тие кои упорно ги кандидираат и ги навредуваат вашиот ум и вашата интелигенција“,
рече Мицкоски.