ВМРО-ДПМНЕ ги поддржува протестите за осудените лица од настаните во Собранието што се случија на 27 април и ќе даде поддршка на најавениот протест на 29 мај. Ова го соопшти лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, при денешната посета во Штип.
„ВМРО-ДПМНЕ има прецизен став по тоа прашање. Станува збор за луѓе кои што се неправедно осудени и квалификувани како терористи. Тоа е срам за судскиот систем, што дозволува еве и до ден денеска сè уште тие луѓе да не можат да користат правен лек, односно да можат да ја обжалат пресудата на второстепениот Апелационен суд, и до Врховниот и до ЕСЧП, односно Европскиот суд за човекови права“,
рече Мицкоски.
Тој додава дека осудените можеби го прекршиле законот, но смета дека тие не се терористи и дека не треба да одговараат за делото за кое се осудени.
„ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржува, не е организатор на протестите, но ќе ги поддржува затоа што во крајна цел имаат правда, односно секој еден да има можност да ја докаже својата невиност за тоа што е осуден. Нормално доколку постојат докази за некое друго сторено кривично дело или прекршување на законите, тогаш оставаме на судските власти да судат и пресудуваат понатаму“,
рече Мицкоски.