ВМРО-ДПМНЕ има одговорност и обврска да ги штити, зачува и промовира сите идентитетски обележја на македонскиот народ и да се бори за нашата заедничка европска иднина, рече Христијан Мицкоски во вечерашната изјава пред Владата по состанокот со неговите коалициони партнери.
Како што информираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски на денешниот состанок со коалицијата „За обнова на Македонија“ на кој се разговарало за актулениот спор со Бугарија усвоиле пет става од кои сметаат дека земјава не смее да отстапи.
Според Мицкоски, неспособноста на актуелната власт да ги реализира националните интереси и стратешките определби, тие со коалицијата „За обнова на Македонија“ го заклучиле следново:
1.Коалицијата цврсто стои на уставната одредба за антифашистичкиот карактер на народноослободителната борба, и остро се спротивставува на промените на Уставот кои значат негирање на антифашистичкиот карактер на народноослободителната борба.
2.За коалицијата – македонскиот јазик, неговите историски корени и антропологија, како и неговата признаеност се неспорен историски факт кој е потврден и признат од целокупната светска научна јавност и околу овој факт нема дискусија.
3.Коалицијата инсистира на признавање и почитување на македонското малцинство и неговите европски загарантирани права, а кое опстојува кај нашиот источен сосед и чие постоење е потврдено од страна на европски надлежни правни институции, како што е Судот за човекови права во Стразбур. Воедно го повикуваме источниот сосед да ги почитува одлуките донесени од овој суд, а кои се однесуваат на правата на македонското малцинство во Бугарија.
4.Коалицијата повикува на почитување на македонската историја и нејзината посебност. И се спротивставува на вештачката промена на улогата и карактерот на националните херои кои се бореле за слободна и независна македонска држава.
5.Коалицијата енергично потенцира дека македонскиот идентитет е неспорен и засебен, и има свој посебен историски, правен политички и културолошки развој. Кон овој став едногласно се придружуваат и припадниците на партиите од коалицијата кои што ги преставуваат етничките заедници кои се различни од македонскиот народ.
Мицкоски ја повика Бугарија да не ја блокира европската иднина на Македонија, туку напротив да ја поддржи истата и на тој начин да покаже вистинско пријателство помеѓу граѓаните на двете држави.
„Апелираме до пријателите и сојузници од Европската Унија, европската јавност и политичари да се вложат во отворање на пристапни преговори за членство во Европската Унија на Македонија и да им овозможат на македонските граѓани од сите етникуми да ја добијат европската перспектива и иднина кои што одамна ја заслужија со повеќедецениски дела и залагања“,
додаде Мицкоски.