Најголемиот дел од поканите за лидерската, преку владината курирска служба, според нашите информации, биле доставени до Собранието затоа што најголем дел од лидерите на парламентарните партии се и пратеници. Поканата до ВМРО-ДПМНЕ, пак, била однесена до партиското седиште со оглед дека Мицкоски не е пратеник. Во поканата, според нашите информации, не е наведено дека поканетите треба да го потврдат присуството туку се очекува да се појавата на средбата
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вечерва и утре ќе се консултира со партиското раководство и коалициските партнери и најверојатно утре ќе каже дали ќе присуствува на лидерската средба што за в понеделник ја свика премиерот Димитар Ковачевски во Собранието со лидерите на парламентарните партии.
„Вечерва имам состанок со проширениот состав на Општинскиот комитет овде во Битола. Утре имаме настан, се надевам дека телефонски попатно ќе имам можност да се консултирам со коалициските партнери, со пратеничката група, со Извршниот комитет и веќе во текот на утрешниот ден ќе соопштиме дали ќе одиме и ако не, зошто не одиме“,
изјави денеска Мицкоски од Битола.
Премиерот Ковачевски пред три дена (1 ноември) најави дека ќе испрати покани за лидерска. Целта, соопштија тогаш од Владата, е да се разговара за европскиот пат на земјава како и за одлуките што во иднина треба да се носат со широк консензус, како што се уставните измени со кои Бугарите и други народи ќе се внесат во Преамбулата од Уставот.
Поканите беа испратени во средата. Извори од Владата за „360 степени“ посочија дека најголемиот дел од поканите ги доставиле до Собранието затоа што најголем дел од лидерите на парламентарните партии се и пратеници. Поканата до ВМРО-ДПМНЕ, преку владината курирска служба, неофицијално, била однесена до партиското седиште со оглед дека Мицкоски не е пратеник. Во поканата, според нашите информации, не е наведено дека поканетите треба да го потврдат присуството туку се очекува да се појавата на средбата.
Засега, официјално само од Алијанса за Албанците (АА) потврдија дека ќе присуствуваат на средбата.
„АА донесе конечна одлука дека во понеделник во 12 часот ќе бидеме во парламентот каде ќе разговараме за идната европска перспектива на Република Македонија, меѓутоа и евентуалните промени кои треба да се направат во Уставот. Се надевам дека ќе има конструктивна дебата, АА ќе биде учесник во тој настан и ќе даде максимум за да се помине полесно овој период додека се случат уставните промени во Република Македонија“,
рече денеска в.д. претседателот Арбен Таравари.
Со оглед дека по оставката на Зијадин Села од лидерската позиција сè уште не е избрано новото партиско раководство во АА, одлуката за присуство на средбата во понеделник ја донесе Комисијата за организирање на конгресот која се состои од градоначалниците и пратениците од Алијанса за Албанците.