На новинарско прашање, дали средбата би се одржала пред одлуката за тоа кои би биле технички министри, Мицкоски рече дека тоа зависи од организаторот на средбата, односно од премиерот и се огради дека одлуката за учество на ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада е негов личен став и нагласи оти допрва партиските тела треба да одлучуваат за тоа
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска негираше дека имал тајна средба со премиерот Димитар Ковачевски и порача дека стои на располагање доколку Ковачевски го повика на јавна средба за усогласување во врска со техничката влада.
„Не сум имал тајна средба. Тајните средби не се дел од мојот карактер. Доколку сака господинот Ковачевски да разговараме за техничката Влада или за некои други политички процеси што следат, стојам на располагање, само терминот да го усогласиме. Знаете дека јас одамна барам такви средби. Најпрво бев одбиван, па се правеа политички гимнастики на политичката сцена за на крај конечно да се случат тие средби и состаноци лидерски и да се дефинираат изборите. Не гледам зошто тоа би било далеку од лицето на јавноста. Ценам дека јавноста треба да биде запознаена. Мислам дека на народот му е преку глава од такви тајни средби, преговори и договарања“,
истакна Мицкоски на денешната прес-конференција на која информираше за инвестиции за развој во 15 општини предводени од ВМРО-ДПМНЕ.
На новинарско прашање, дали средбата би се одржала пред одлуката за тоа кои би биле технички министри, Мицкоски рече дека тоа зависи од организаторот на средбата, односно од премиерот, оградувајќи се дека одлуката за учество на ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада е негов личен став и нагласувајќи оти допрва партиските тела треба да одлучуваат за тоа.
„Јас ниту ја барам средбата, ниту имам можност, бидејќи се уште сум претседател на најголемата политичка партија која се уште е во опозиција. Колку што знам, крајниот термин за техничката влада е 28 јануари. И тој што планира да ја организира оваа средба, има можност да ја организира, дали ќе бидат до тогаш персоналните решенија или нема да бидат кажани, тоа е помалку важно. Тој што ја организира треба да каже термин и време да се усогласат распоредите“,
додаде Мицкоски.
Според него, Талат Џафери не заслужува поддршка од ВМРО-ДПМНЕ за технички премиер.
„Талат Џафери не ја заслужува поддршката на ВМРО-ДПМНЕ за технички премиер, не ја заслужува поддршката за ништо Талат Џафери од ВМРО-ДПМНЕ. Најмногу што можеме во интерес на добрата атмосфера и демократскиот процес е да се воздржиме од било какво гласање, но тоа е мој став, ќе видиме што ќе одлучат партиските тела“,
изјави Мицкоски.
Запрашан за пополнувањето на празното место на ДИК, Мицкоски истакна дека очекува таа точка што побрзо да се стави на дневен ред во парламентот и да се избере претставник кој е номиниран од албанската опозиција.
„Во неколку наврати пратениците на ВМРО-ДПМНЕ бараат да се стави точката на дневен ред во минатото, но за жал мнозинството одбиваше. Се надевам дека ќе се вразуми и нема да остави дамка на процесот кој што следи, бидејќи е многу значаен овој процес и овие избори. Така што ценам дека во периодов што следи треба час поскоро да биде таа точка дел од дневниот ред, да се избере претставник во ДИК кој што е номиниран од страна на албанската опозиција. Јасно се знае која е таа условно кажана опозиција во Македонија и кои се тие опозициски партии во парламентот итн. Тие треба да си дадат свој човек и да кажат зад кој човек од тие што се кандидати стојат и да го изгласаме бидејќи има 80 пратеници во парламентот, да го изгласаме, да се комплетира ДИК, да има 7 члена и да се носат одлуки. Тоа не е волја на Христијан или на некој друг, туку тоа е едноставно законска обврска“,
нагласи Мицкоски.
Пред пет дена премиерот Ковачевски од Битола најави дека ќе побара средба со Мицкоски во врска со техничката влада откако ќе заседаваат партиските органи. Средбата рече дека нема да биде пред очите на јавноста, туку ќе била разговор за распределба на ресорите во техничката влада.