„Едната опција е оваа, којашто ја нуди оваа влада, на реформи, на промени, на испорака за граѓаните и втората опција е онаа опција која години наназад, би рекол повеќе од две децении ја криминализираше државата, ги уништуваше институциите и практично ги клекна државата и граѓаните. И тоа е изборот, нема трета опција. Би сакал да слушнам од г. Таравари која опција е за него бидејќи јас не гледам трета опција“, изјави денеска премиерот
Тој, одговарајќи на новинарско прашање, се осврна и на, како што рече, неговите лични односи со Таравари за кого како човек рече дека има позитивно мислење, но, како што додаде, во политиката образот е нешто што го имаш или го немаш
Средбата меѓу премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство и лидер на крилото на Алијанса за Албанците, кое е дел од власта, Арбен Таравари, ќе се случи денеска во 17 часот во Владата.

Ова денеска го потврди премиерот Мицкоски, кој рече дека на средбата со Таравари ќе поразговараат околу актуелните политички случувања кои, како што кажа, се познати во јавноста.
Иако не ги наведе конкретно, од изјавата на премиерот јасно е дека станува збор за последните потези на Алијанса за Албанците на Таравари да оди со сопствени листи на локалните избори, а уште повеќе наводите дека е во преговори со Демократската унија за интеграција (ДУИ) на Али Ахмети за соработка на изборите.
„Средбата ќе биде денеска во 17 часот во рамките на Владата. Тоа ќе биде средба на која ќе поразговараме со г. Таравари околу актуелните политички случувања. Што се однесува до неговите тековни активности како член на Владата ние речиси секојдневно комуницираме. Се разбира тоа е неизбежен дел. Но, генерално би сакал да слушнам како размислува во делот на последните случувања што се познати во јавноста“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања за време на денешната посета на Штип.
Според премиерот, Таравари има две опции пред себе и на средбата, како што рече, би сакал да слушне од него која е прифатлива за него бидејќи, како што додаде, трета нема.
„Едната опција е оваа, којашто ја нуди оваа Влада, на реформи, на промени, на испорака за граѓаните и втората опција е онаа опција која години наназад, би рекол повеќе од две децении ја криминализираше државата, ги уништуваше институциите и практично ја клекна дрвата и граѓаните. И тоа е изборот, нема трета опција. Би сакал да слушнам од г. Таравари која опција е за него бидејќи јас не гледам трета опција“,
кажа премиерот.
Тој се осврна и на како што рече неговите лични односи со Таравари. Рече дека за него како човек има позитивно мислење, но, како што додаде, во политиката образот е нешто што го имаш или го немаш.
„Тука нема флуидни варијанти. Или имаш или немаш, или држиш до зборот или не држиш до зборот. Јас мислам во неговиот случај најмалку трипати сум покажал и сум го држел зборот, и кога имало моменти кога можеби имало и дилема во рамките на раководството на партијата“,
рече Мицкоски.
Продолжувајќи во истиот контекст, премиерот рече дека заткулисните игри се провидни игри кои лесно се идентификуваат и препознаваат.
„И најчесто ваквите заткулисни игри им се удираат од глава на оние што ги прават“,
кажа тој.
Премиерот додаде дека со или без Таравари во Владата, таа е стабилна, цврста и со големо мнозинство, како и дека во животот никого не молел ниту, пак, има намера некого да моли.
„Останува на него и на неговите сопартијци да одлучат, пак ќе повторам, дали ќе одиме заедно по патот на реформи, владеење на право, борба за праведно општество, институции коишто ќе функционираат или ќе се придружат и ќе коалицираат со оние политички сили коишто кои со години, би рекол неколку децении ја криминализираа и ја уништуваа државата. Изборот е нивен“,
кажа премиерот.

Мицкоски во одговорот на прашањето не ги именуваше политичките сили за кои рече дека со години ја уништувале државата и кои се едната од двете опции за Таравари, но повеќе од извесно е дека станува збор за опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ).
Во реакција на вчерашната изјава на премиерот, во која ја најави денешната средба со Таравари, од ДУИ изразија загриженост поради, како што ги нарекоа, континуираните обиди на Мицкоски да се наметне како тутор на албанската политичка сцена во земјава.
Според ДУИ, тоа претставува опасен и неприфатлив обид за реконфигурирање на политичката волја на албанските гласачи.
Лидерот на крилото на Алијанса за Албанците кое е дел од власта, Таравари во објава на социјалните мрежи напиша дека тие не ниту такси превоз ниту чамец за спасување на имиња и презимиња, туку дека работата во интерес на народот и оти не прават никакви потези за задоволство или гнев на некого.