Досегашниот партиски лидер најави од Битола дека неделава ќе ја поднесе кандидатурата и рече дека негови противкандидати можат да бидат сите членови на ВМРО-ДПМНЕ што ги исполнуваат условите според партискиот Статут
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави денеска во Битола дека до крајот на оваа недела ќе ја поднесе кандидатурата за нов (втор) мандат на чело на партијата, пред конгресот што ќе се одржи на 12 декември во Скопје, а беше закажан на 18 ноември.
На прашање дали очекува да има противкандидати, Мицкоски рече дека секој член на ВМРО-ДПМНЕ, кој ги исполнува условите согласно со партискиот Статут, може да се кандидира за лидерската функција.
„Оваа недела ќе поднесам кандидатура. Секој член на ВМРО-ДПМНЕ, секој граѓанин кој ги исполнува условите од Статутот може да се кандидира и јас ги повикувам да го сторат тоа“,
рече Мицкоски.
Тој првпат беше избран на чело на ВМРО-ДПМНЕ на дводневниот вонреден конгрес на партијата во Валандово, во декември 2017 година, а по оставката на Никола Груевски.
Овој 12 декември, пак, додека делегатите на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат на редовен изборен конгрес, паралелно ќе се одржуваат непосредни избори за лидер на СДСМ, кои беа распишани на 26 ноември.
Мицкоски и денеска во Битола ја критикуваше владата на Заев, при што оцени дека евентуалната одлука на Алтернатива за приклучување кон мнозинството би била погрешен потег.
„Не сум во тек со содржината на разговорите, ама можам да кажам дека ова е најкриминална и најкорумпирана влада досега во Земјава, а последиците од нејзиното владеење се и најнеконкурентно образование, ужасна состојба во здравство, катастрофа во енергетскиот сектор. Според тоа, многу фактори влијаат да заклучам дека учеството на Алтернатива во оваа Влада би претставувало погрешен чекор, ама тоа е одлука на лидерот и на таа партија“,
изјави Мицкоски, кој и во оваа пригода се заложи за предвремени парламентарни избори.