Ќе донесам правда. Правдата која ќе стане наш заштитен знак, наш бренд нејм, прача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во неговото обраќање на собирот „Обновата доаѓа“ којшто попладнево се одржа во спортската сала „Јане Сандански“ во Скопје.
Собирот беше во рамки на кампањата која опозицијата ја спроведува изминатите месеци наречена „Разговори за обнова на Македонија“.
Враќањето на правдата беше една од главните пораки кои Мицкоски ги испрати во неговиот говор.
„Не смее да имаме невини луѓе во затвор, патриоти кои се таму затоа што ја сакаат Македонија. Не смееме да имаме по затворите луѓе кои ограбиле трафика со повисоки казни од оние политичари кои го ограбиле народот. Да имаме на слобода криминалци кои ни се појавуваат во општеството како успешни деловни луѓе, а се обогатиле на грбот на напатениот народ. Доста е! Нема малку или многу правда. Таа е апсолутна и единствена и безмилосна. Мора да биде така, да се избориме за правда, затоа што ќе немаме друга шанса“, рече Мицкоски.
Тој најави борба со мафијата и на Зоран Заев му порача дека на 12 април оди во пензија, дека завршува неговата политичка кариера, но и дека ќе одговара. И за фунцкционерите во владата на Заев најави одговорност, но истото им го порача и на оние кои ќе бидат дел од владата која по парламентрните избори ќе ја формира, како што рече, ВМРО-ДПМНЕ.
„Знам дека по преземањето на власта од вас кои сте блиску до мене сега, ќе има такви кои ќе се изгорите од мечот на правдата зошто сте нанеле неправда. Ви кажувам сега за да знаете дека нема да има изговори утре колку и тоа да е болно за нас. Одговорност мора да има за секого. Правдата значи и одговорност, одговорност за секој направен престап, за секое огрешување кон законите. И тоа мора да го знаат сите функционери сега во владата на Заев и самиот Заев. Тука амнестија не му помога. Но тоа треба да го знаат и сите идни функционери во новата влада на ВМРО ДПМНЕ“, порача Мицкоски.
Тој и ова обраќање го искористи за уште еднаш да најави дека ќе донесе закон за испитување на имотот на политичарите и дека кога ќе се испита потеклото украденото ќе се врати на народот.
Зборувајќи за принципите во кој верува и најавувајќи крај на политиканството и ниските страсти, лидерот на опозицијата го спомена и Законот за јазици.
„Принципите значат и замена на политиката на ниски страсти во политика на дела. Законот за јазици не го прави автопатот кон Блаце или канализацијата во Арачиново“, рече Мицкоски.
Лидерот на опозицијата даде и низа ветувања за екологијата и економијата, за субвенции и покачувања на плати и пензии.