Прашан во интервјуто за МИА дали тој има комуникација со Али Ахмети, меѓу другото и во светло на последните случувања со ексвицепремиерот и висок функционер на ДУИ, Мицкоски вели дека има комуникација како и со сите други во рамките на парламентот и неговите редовни присуства на седниците за пратенички прашања. Но, како што додава, посуштинска средба со Ахмети немале
Премиерот Христијан Мицкоски го повтори својот став дека Јавното обвинителство треба да го повика на информативен разговор лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и да чуе од него дали има некакви информации за локацијата на ексвицепремиерот Артан Груби, кој е осомничен во случајот „Државна лотарија“ и се наоѓа во бегство.

Говорејќи на оваа тема, Мицкоски во интервјуто за државната новинска агенција МИА вели дека го загрижуваат сомневањата што се појавија во јавноста дека Ахмети можеби знае каде се наоѓа Груби и во таа насока смета дека Обвинителството треба да реагира.
Имено, лидерот на ДУИ во изјава за косовските медиуми пред неколку дена изјави дека поранешниот вицепремиер е добро и оти се наоѓа на „албанските простори“. Откако беше прозван од премиерот, но и од опозициската СДСМ да каже пред истражните органи каде се наоѓа Груби, лидерот на ДУИ во изјава за ТВ 21, условно кажано, ретерираше од претходниот став, дообјаснувајќи се дека нема контакт со Груби ниту детални информации за тоа каде во моментот се наоѓа тој. Изјавата што ја дал за косовските медиуми рече дека му била базирана на јавно изнесени информации од претставници на Владата.
„Во еден систем којшто функционира, а се надевам дека нашиот сè уште функционира, посебно судско-обвинителскиот систем, и покрај, би рекол, најниската оценка од страна на граѓаните, логично е тоа лице коешто знае, има податоци или информации каде се наоѓа бегалецот од правда, да го повикаат, да поразговараат со него и да ги даде тие информации, бидејќи Артан Груби е бегалец од правдата. Ако Али Ахмети има информации, треба од Обвинителството да го повикаат на информативен разговор и да слушнат од него каде се наоѓа“,
вели премиерот.
Прашан дали тој има комуникација со Али Ахмети, меѓу другото и во светло на последните случувања со ексвицепремиерот и висок функционер на ДУИ, Мицкоски вели дека има комуникација како и со сите други во рамките на парламентот и неговите редовни присуства на седниците за пратенички прашања. Но, како што додава, посуштинска средба со Ахмети немале.
Околу споредбите меѓу бегствата на Груби и она на поранешниот премиер Никола Груевски и за тоа колку системот потфрла кога ќе се соочи со високо профилирани личности осомничени за корупција, премиерот вели дека јавноста е во право кога бара сличности помеѓу двете лица во однос на отчетноста пред правдата. Но, според него, проблемот не е целосно во системот, туку во човечкиот фактор, затоа што, како што наведува, сè уште имаме партизирани институции.
„Тука не би можел да кажам дека проблемот е целосно системски. Тука повеќе ставам влијание на човечки фактор, заедно со проблемите во системот. И ова нема да бидат последни случаи. Ќе има во иднина уште вакви случаи. Ако некој мисли дека ова ќе бидат последни, нема да бидат. За жал, поради партизираните институции коишто се дел од системот и поради, би рекол, должноста на поединци кон некои политички моќници коишто се заслужни зошто тие поединци се наоѓаат во овој систем, па тие во знак на благодарност се трудат да им бидат лојални до самиот крај. Но, тој живот е скап живот. Тој живот е неизвесен и тоа е живот којшто јас не би го посакал никому, да сте бегалец од правдата таму некаде далеку надвор од семејството, надвор од дневните рутини и слично, да не можете да дојдете“,
вели Мицкоски.
Прашан за неодамнешните полициско-обвинителски акции во сферите на високата корупција, криминалот, разбивањето на терористичка ќелија и за тоа дали очекува брз и ефикасен епилог или повторување на минатото и развлекување на случаите, премиерот вели дека сè она што зависи од Владата и од институциите кои се под надлежност на извршната власт ќе биде завршено беспрекорно, но, потоа, како што додава, на потег се правосудните органи.

„Факт е дека уставно загарантирана норма е презумцијата на невиност, но исто така овие работи треба да функционираат по еден нормален тек, а тоа е институциите и органите на прогонот да спроведат истрага, да обезбедат докази итн., а судовите да судат понатаму доколку констатираат дека тие докази се доволни за отпочнување на процес. Така што, дали ќе бидат развлекувани, дали ќе дојде правдата како што сите ја очекуваме, тоа не зависи од извршната власт и од Владата. Наше е да ги обезбедиме сите неопходни докази како институции и да ги доставиме до обвинителството и судството. Понатаму, судската власт е таа којашто треба да го води процесот и да го заврши“,
наведува премиерот Мицкоски во интервјуто за МИА.