Она што згрозува е за да се богатат, за да остварат лична добивка, лековите кои наместо да им бидат дадени на оние на кои им се најпотребни и кои умираат во болки, тие ги препродавале и пациентите ги оставале на милост и немилост. Тие практично се здружиле за да направат злосторство врз човештвото, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ
Потребна е кривична и политичка одговорност во врска со случајот на Клиниката за онкологија за тврдењата за продавање на цитостатици. Владата треба веднаш да си даде неотповиклива оставка и да се излезе на брзи парламентарни избори, порача денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Како човек сум згрозен од тоа што се случува. Сведоци сме на едно криминално-монструозно-мафијашко здружување на неколкумина медицински лица блиски до партиите на власт. Она што згрозува е за да се богатат, за да остварат лична добивка, лековите кои наместо да им бидат дадени на оние на кои им се најпотребни и кои умираат во болки, тие ги препродавале и пациентите ги оставале на милост и немилост. Тие практично се здружиле за да направат злосторство врз човештвото. На секој човек ова му предизвикува голема мачнина, но ние како ВМРО-ДПМНЕ уште пред две години алармиравме дека ова се случува на таа Клиника“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при денешната посета на Виница.
Тој потенцира дека Ковачевски треба да одговори зошто системот со кој се следеле лековите не функционира.
„Кој е тој што наредил тој систем наместо да биде функционален, да биде ставен во подрум. Зошто оние што ќе платат добиваат соодветен медицински третман, а оние што за жал не можат да платат се оставени на милост и немилост и во тешка болка и мака да умираат. Наскоро ќе ги добиеме тие одговори како идна влада која што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Никогаш како човек не сум ги политизирал овие работи бидејќи станува збор за човечки судбини и мака која што семејствата ја доживуваат, но не можам да не ве потсетам за кампањи кои во минатото ги правеше СДСМ при што беа злоупотребувани човечките судбини“,
додаде Мицкоски.