Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека треба да се препознае овој историски момент за понудена рака за обединување на македонското ткиво и за заедништво на македонскиот блок кој постојано губи овие 32 години. Говорам, рече тој, и за обединување на сите граѓани од сите вери и заедници, застанувајќи зад определбата да изградиме нова и заедничка иднина

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва на партиска трибина во Велес зборуваше пошироко за идејата за формирање пакт за национално и државно единство во кое ќе нема место за ДУИ, која 20 години е на власт во земјава.
Според неговата изјава, тој е подготвен во тој пакт да биде со сите некриминални структури од останатите партии и општеството.
„Ќе направам сè за ДУИ да оди во опозиција и подготвен сум да направам пакт за национално и државно единство со сите некриминализирани сегменти во државата од која било провениенција, само за ДУИ после 20 години власт да оди во опозиција. И ова не го зборувам затоа што на овој начин сакам да го градам својот и рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ како што тие луѓе од раководството на ДУИ јавно зборуваат. Ова го зборувам затоа што верувам во тоа. Кога тие ќе заминат во опозиција, ќе ѝ се раздени на Македонија. Кога тие ќе заминат во опозицијата, ќе нè биде. Повторувам, ова е пакт за национално единство со некриминализирани сегменти од општеството“,
рече Мицкоски додавајќи дека криминалците од сегашната влада ќе одговараат пред лицето на правдата.
Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, таквиот пакт ќе биде и добар одговор да се здружат силите и заеднички да се изборат со силните предизвици кои надоаѓаат.
„Само така ќе одиме напред. И само така ќе градиме иднина. Треба да се препознае овој историски момент за понудена рака за обединување на македонското ткиво и за заедништво на македонскиот блок, кој постојано губи овие 32 години и се откажува од својот супстрат загрозувајќи ја својата егзистенција. Говорам и за обединување на сите граѓани од сите вери и заедници, застанувајќи зад определбата да изградиме нова и заедничка иднина. А зошто го правиме ова? Меѓу другото и поради долгот кон предците и јунаците на нашата држава. И поради хероите пред чие вечно почивалиште и спомен стоиме во оваа спомен-костурница“,
рече Мицкоски.
За оваа идеја во петокот (2 јуни) тој зборуваше и во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, кога на прашањето „дали е сè уште жива идејата за предвремени избори по кои би се формирала широка влада“, кажа дека тој е за влада во која „ќе имаме едно широко македонско национално единство“, бидејќи во овој момент имаме влада во која има сè, само нема македонско единство.
Прашан дали тоа значи влада на „ВМРО-ДПМНЕ плус СДСМ минус ДУИ“, тој рече дека тоа ќе го одредат граѓаните на изборите, но доколку се прашува ВМРО-ДПМНЕ, редно време е по 20 години ДУИ да помине одреден период во опозиција. Тој не е убеден дека ДУИ ќе победи кај етничките Албанци, според бројките со кои располагаат во ВМРО-ДПМНЕ.