По „твит“ на Видана Бошкова-Мицевска, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја обвини власта дека стимулира поделби, говор на омраза кон Израел и Еврите и напади кон ВМРО-ДПМНЕ. Од СДСМ негираат поврзаност со објавата на „Твитер“ и авторката и враќаат дека станува збор за обид „за прикривање на неспособноста на кадрите на опозицијата во техничката влада“
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, реагира на статус објавен од твитер-корисничката, Видана Бошкова Мицевска, која напиша дека техничката министерка за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи, која е Еврејка, „упаднала во фашистичка партија“.
„Сигурно и кај нацистите во влада имало Евреи кои се бореле за плата и социјални права на Евреите“,
напиша „твитерџиката“.
ВМРО-ДПМНЕ обвинува за антисемитизам
Овој коментар наиде на осуда кај функционери и членови на ВМРО-ДПМНЕ, кои ја поврзаа „твитерџанката“ со СДСМ. Кулминација на реакциите е денешната објава на првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ на „Твитер“, во која вели дека луѓе до Заев пропагираат антисемитизам и навреди кон ВМРО-ДПМНЕ.
„Згрозен сум од леснотијата со која се прават поделби, се шири говор на омраза кон државата Израел и Еврејскиот народ, и навредите кон ВМРО-ДПМНЕ, зад кои стојат политички мотиви, се стимулирани од партијата на власт. И ова не е првпат, но овој пат е премногу. Фразата едно општество за сите ја претвораат во прогон кон неистомислениците. Нема работа која самите не си ја негираа, нема работа која самите не ја погазија. Јас ја разбирам нервозата присутна во СДСМ, дури можам да го разберам и стравот од пораз, но не можам да ја разберам омразата со која се служат и удираат ниско по оние кои не мислат исто како нив“,
напиша Мицкоски.
Тој додава дека најмалку што може да направи СДСМ е да се извини кон Мизрахи и кон ВМРО-ДПМНЕ.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, на „Фејсбук“ напиша дека „твитерџанката“ Видана, како што му спомнале, е лице вработено во Владата.
„За Видана ми спомнаа дека работела во Влада кај Заев и Роберт Поповски (се надевам не ме излажале), народ ја плаќа да плука по се што не е СДСМ… Легитимно од нејзина страна, а ако е така значи истото и они го мислат како официјално мислење… “,
пишува Арсовски.
Владата и СДСМ негираат поврзаност со Видана
Од Владата негираат дека Видана Бошкова-Мицевска е вработена таму. На прашање од „360 Степени“, од Владата одговорија:
„Во врска со Вашето прашање, Ви посочуваме: лицето Видана Бошкова-Мицевска не е вработена во Владата“,
велат од таму.
Од СДСМ, пак, велат дека твитер-корисничката, по чиј статус се крена прашина, нема никаква поврзаност со партијата и обвинуваат дека ВМРО-ДПМНЕ шири невистини.
„Таа нема никаква поврзаност со СДСМ. Станува збор за очаен обид на ВМРО-ДПМНЕ, неспособноста на своите кадри во техничката влада да ги покрива со нови измислици. СДСМ е носител на концептот ,Едно општество’, кој се противи на какви било дискриминации врз која било заедница или индивидуа“,
вели портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.