Во однос на надворешната политика Мицкоски нагласи дека владата на СДСМ потпишала документ со кој потврдува дека македонизмот до 45-тата година е поврзан со бугарскиот идентитет, криејќи се под превезот на европската иднина
Граѓаните очекуваат од ВМРО-ДПМНЕ како наследник на организацијата да ги преземе сите чекори за обезбедување на иднина на граѓаните, и покрај тоа што на централно ниво е опозиција, но за тоа е потребен општествен договор, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешниот Научен симпозиум 129 години ВМРО „Борба за Македонија која трае“ организиран од ВМРО-ДПМНЕ.
„Јас ќе зборувам за сегашноста, но и за иднина бидејќи мораме да имаме план, визија и стратегија како да стигнеме до иднината. Тоа е суштината, затоа што македонскиот народот и граѓаните во Македонија сакаат да знаат што понатаму во иднината и каков план има ВМРО-ДПМНЕ како наследник на организацијата и кои се чекорите коишто ВМРО-ДПМНЕ ќе ги преземе за таа иднина, бидејќи денеска секој еден очекува од ВМРО-ДПМНЕ државничко и одговорно однесување, без разлика што на централно ниво сме опозицијата. И тоа е привилегија, но и голема одговорност, затоа што иднината е она за кое сите ние треба да се бориме, а за тоа ни треба еден голем општествен договор, обединување и отворање на ВМРО-ДПМНЕ кон општествените елити, различни структури на луѓе“,
рече Мицкоски.
Како дел од тој општествен договор, посочи тој, беше и оној современ патриотизам за кој што зборувавме многу во изминатиот период.
„Современ патриотизам во борбата со криминалот и корупцијата, современиот патриотизам што подразбира за посилна и поконкурентна економија, современиот патриотизам како младите да ги за држиме во државата, современиот патриотизам сега она што е актуелно во енергетиката, здравството, современиот патриотизам на локално ниво, современиот патриотизам кој ќе значи иднина во рамките на ЕУ, современиот патриотизам кој ќе значи добри меѓучовечки и добрососедски односи, помеѓу граѓаните во Македонија а потоа и пошироко со нашите соседи“.
нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски изјави дека македонскиот народ може да се заштити единствено преку чесна работа и посветеност, а не со методи од 18 или 19 век, како и да не се дозволи да се повторуваат политичари како овие изминатите 5 години. Тој нагласи дека не се европски вредности она коешто денеска го промовира владата на СДСМ, туку европски вредности се она кое што се промовира од ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е да се задржат младите во државата, да се развива Македонија економски силно и стабилно, да се создаде конкурентно здравство.
„Покрај знаењето ние педагозите на факултетите, но и политичарите мораме да им обезбедиме иднина и перспектива во Македонија која што ќе се темели на вистински вредности, а не на оние лажни вредности кои што денеска владата на СДСМ ги промовира преку некаква си лажна ЕУ агенда и вредност, а притоа скандалите за криминал и корупција за сето она што е поврзано за работата на владата се нижат, за катастрофата во образованието, за пациенти кои не добиваат здравствена грижа и умираат во ходниците. Тоа не се ЕУ вредности во кои што ние веруваме и тоа не се европските вредности кои што ние треба да ги промовираме како политичари. И затоа кога велам дека одговорноста на ВМРО-ДПМЕН е голема, мислам на овие вистинските европски вредности, да ги задржиме младите тука, да ја развиеме државата економски и силно затоа што имаме план, имаме методологија, да направиме здравство кое што ќе биде конкурентно“,
додаде тој.
Понатаму Мицкоски зборуваше за политиките на „идната влада на ВМРО-ДПМНЕ“. Тој се осврна на стимулацијата на образованиот кадар, капиталните инвестиции, енергетски објекти, даночната политика, борбата со сивата економија, состојбата на универзитетите, здравството…
Во однос на актуелната енергетска криза, Мицкоски рече дека Македонија е енергетски уништена бидејќи „наместо да извезува електрична енергија и да се ставаат производните капацитети во функција, тие ги крадат“.
Во однос на надворешната политика Мицкоски нагласи дека владата на СДСМ потпишала документ со кој потврдува дека македонизмот до 45-тата година е поврзан со бугарскиот идентитет, криејќи се под превезот на европската иднина.
„Според нашиот источен сосед македонизомот до таа 45-та година е ексклузивно поврзан со бугарскиот идентитет. И тоа некој го потпиша под превезот на европската иднина. Но, каде е европската иднина? Каде е бесплатното здравство, квалитетното образование, инвестициите. Но, од сето тоа имаме само дополнителни услови. Но, треба да разговараме. Ние сме луѓе имаме одговорност и мораме да разговараме за се, лице во лице, зошто така се бори и се брани Македонија, но и дома. Со два статуси не се брани Македонија, треба да се зборува лице во лице, и во Берлин, и во Париз, и во Брисел, но и тука кога ќе дојдат во Скопје, и таму се кажуваат аргументите. И затоа велам јас треба да се разговара. Денеска имаме два нови моменти кои ја оптоваруваат нашата европска иднина, членството во ЕУ. Првиот е условот за Уставот и промената на Преамбулата и вториот од пред некој ден барање за бришење на бројката и процентот со кој ќе се детерминира јазикот на Албанскиот народ. Ајде и за тоа да зборуваме. Јас сум подготвен за се да зборувам. Ајде аргументите да ги ставиме на маса. Ако ја смениме Преамбулата ќе бидеме ли во 2030година членка на ЕУ, ќе потпише ли некој дека ќе бидеме членка како што ни ветуваат, ќе донесе ли Европскиот парламент заклучок и резолуција со кој се признава посебноста на македонскиот јазик“,
праша Мицкоски.