Добредојде на бруцошите им посака и ректорот Дејан Мираковски, кој ги повика студентите да бидат упорни и љубопитни, нагласувајќи дека универзитетот не е само место за земање диплома, туку простор за раѓање идеи и позитивни општествени промени

Со порака да стекнуваат знаења и да го шетаат светот, но на крајот да се вратат во својата татковина, премиерот Христијан Мицкоски денеска им се обрати на бруцошите на првиот академски час на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
„Вистинскиот живот е борбата којашто ве чека, борбата за вашето семејство и за вашата родна земја Македонија. Тоа никогаш немојте да го заборавите. Каде и да одите, вратете се дома и заедно да се бориме за нашата најубава земја на светот“,
рече Мицкоски.
Навраќајќи се на сопствените студентски денови, тој истакна дека и покрај престојот во повеќе европски градови, секогаш се враќал назад.
„Знам дека ќе имате многу предизвици, знам дека ќе има и такви коишто ќе ве убедуваат дека тоа е невозможно, дека некаде таму далеку од овде е подобро и дека таму е сѐ поинаку отколку тука дома. Сакам да ви дадам еден совет којшто го имам научено во мојот живот – тоа не е точно“,
додаде Мицкоски.
Премиерот упати порака и до професорите, повикувајќи ги да им бидат вистински педагози и личен пример на помладите генерации.
Добредојде на бруцошите им посака и ректорот Дејан Мираковски кој ги повика студентите да бидат упорни и љубопитни, нагласувајќи дека универзитетот не е само место за земање диплома, туку простор за раѓање идеи. Од студентите рече дека очекува не само да станат врвни професионалци, туку и луѓе кои ќе носат позитивни промени во нашето општество.
„Студентските години нека не бидат само подготовка за професијата, нека бидат време во кое ќе го проширите својот свет. Истражувајте, патувајте, учете, поврзувајте се и создавајте. Излезете од овој универзитет како образовани, самостојни и одговорни луѓе, подготвени да ја земете иднината во свои раце“,
рече Мираковски.
Директорката на Националната агенција за европски образовни програми, Ана Михајлов, ги охрабри бруцошите да ги искористат можностите на програмата „Еразмус+“, да заминат на студентска размена во странство и да стекнат меѓународно искуство што ќе им го промени погледот на светот.
На универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип на 12 факултети и трите академии во прва година за академската 2026-2027 година се запишани околу 1.500 бруцоши.
