„Она што недостига е волја проследена со дела за регионот вистински да премине од европска чекалница кон реализација на европската иднина. Иднината на регионот е во економска и политичка преобразба и меѓусебно поврзување“, вели премиерот
Иднината на Македонија е во Европската Унија и на тој пат државата направи многубројни отстапки и чекори што ја докажуваат нашата посветеност кон европската иднина. Ова денеска го посочи премиерот Христијан Мицкоски во своето излагање на 20-тиот Европски самит во Салцбург под мотото „ЕУ: Нема иднина без реформи“.

„Она што недостига е волја проследена со дела за регионот вистински да премине од европска чекалница кон реализација на европската иднина. Иднината на регионот е во економска и политичка преобразба и меѓусебно поврзување“,
вели Мицкоски.
Според него, се прави сè за македонските компании да излезат надвор од границите, да се помогне извозот и да се привлече странски капитал.
„Досега во овој кус период покажуваме резултати, а заедно ќе направиме многу повеќе“,
рече тој.
Настанот е во организација на Институтот на регионите на Европа, Европскиот конгрес, на него присуствуваат 700 гости, а говор ќе одржат 60 говорници од цела Европа.
Премиерот вчеравечер присуствуваше на вечера на покана на градоначалникот на покраината Салцбург и претседателот на Институтот на европски региони Франц Шаусбергер.
Мицкоски утре е предвидено да има средба и со претседателот на Австрија, Александер ван дер Белен и со шефот на австриската дипломатија Александар Шаленберг.