Во следните денови, Мицкоски ќе има средби со стопанските комори на Емиратите, како Дубаи, Абу Даби, Шарџа, како и многу средби со компании што се присутни во регионот и што покажуваат интерес да инвестираат кај нас
Очекувам плодни и успешни средби што ќе значат зајакнување на економската соработка помеѓу двете држави, рече премиерот Христијан Мицкоски од Абу Даби, кој до четврток заедно со владина делегација се наоѓа во билатерална посета на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).

„Имавме квалитетна и пријателска средба со неговото височество, претседателот на ОАЕ и владател на Абу Даби, шеикот Мухамед Бин Зајед Ал-Нахјан. На средбата и двајцата ја истакнавме потребата од многу поблиски односи, многу поплодни односи. Од моја страна, накратко ги образложив нашите цели како влада, но истовремено, го поканив неговото височество, претседателот на ОАЕ, да ја посети Македонија, а бизнис-заедницата од ОАЕ одблизу да ги согледа сите можности за директно инвестирање во делот на туризмот, инфраструктурата, енергијата, земјоделството итн., нешто што може да претставува солидна основа за наша билатерална и подлабока соработка“,
вели Мицкоски.
На својот фејсбук-профил Мицкоски објави дека со владината делегација ја посетиле и џамијата „Шеик Зајед“ во Абу Даби.
„Оваа џамија не само што претставува едно од највпечатливите верски и културни обележја на Емиратите, туку и место што ги спојува традицијата и современоста, отворајќи врати за луѓе од сите вери и нации. Посетата остави силен впечаток и претставува потсетник на значењето на меѓусебното почитување, разбирање и дијалог меѓу народите“,
вели тој.

Во следните денови, Мицкоски ќе има средби со стопанските комори на Емиратите, како Дубаи, Абу Даби, Шарџа, како и многу средби со компании што се присутни во регионот и што покажуваат интерес да инвестираат кај нас, дома во Македонија.