Мицкоски од митингот во Крива Паланка рече дека на земјава ѝ претстои енергетска криза и за тоа ја обвини владата
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на митингот од Крива Паланка рече дека владејачката СДСМ не нуди нови идеи и проекти, туку ги повторуваат истите ветувања што ги нуделе и пред четири години.
„Од власта немаат ниту план, ниту програма. Направиле флаери каде ги нудат истите ветувања пред четири години и мислат дека народот пак ќе го прелажат. Но, на овие избори и покрај сите притисоци и закани за кои слушнав дека се присутни и овде во Крива Паланка, и покрај бруталниот поткуп, сите анкети и бројки покажуваат дека СДСМ убедливо ќе ги загуби изборите. Тоа го знае и Заев, го знаат и тие околу него. Затоа единственото нешто што им преостана е поткупот. Поткупот кој го прават со црни пари, крадени пари од народот, но и до државните пари со кои треба да располагаме сите ние. Пред некој ден објавивме видеоснимка каде носат црни вреќи во Битола. Вадат од брендираниот автомобил каде пишува најдоброто за вашата општина мислат дека ќе ги поделат тие пари и дека народот ќе им прости“,
рече Мицкоски.

Тој рече дека цените на сите производи одат нагоре, дека поскапени се брашното, лебот, зејтинот, бензините. Тој најави дека претстои енергетска криза.
„А, знаете ли зошто дојдовме до ова. Затоа што додека РЕК Битола крадеа и им беше поважно кој ќе ги добие тендерите, тоа да бидат струмичките фирми или битолски Стентон, машините за ископ се потонати во вода, и нема доволен ископ. Цената стигна за сето неработење и грабеж, а тоа е 50 милиони евра, зошто 50 милиони евра затоа што толку ќе чини интервентниот увоз на јаглен во Македонија. Дополнителен проблем е како секој ден ќе поминуваат по 1 000 камиони до Битола од по 20 тони, и до Кичево околу 300 камиона на ден исто така со околу 20 тони. Сигурно и од тоа ќе земе некоја струмичка фирма која дебело ќе заработи, a можеби ќе дадат дел и овде во Паланка, сепак Путерот е од овде“,
рече Мицкоски.
Според него суштината е во тоа што власта троши пари на народот.
„Вчера Македонија повлече струја од системот во регионот повеќе од што може да покрие, а информациите се дека телефонот од Брисел е дебело вжештен затоа што гледаат дека владата не умее правилно да менаџира со ресурсите во енергетиката. Тие 50 милиони евра од увоз на јаглен нема да ги плати Заев, ниту Љупче Путерот, туку ќе ги платат граѓаните на Македонија. А, може само батето да заработи, се знае кој е батето“,
рече Мицкоски.