Делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ, која ја предводи Мицкоски, во чиј состав се и потпретседателите Тимчо Муцунски и Александар Николоски, како што информираат од партијата, е во Брисел за да оствари неколку средби со високи претставници на ЕУ
ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати никаков договор што ќе биде под бугарски диктат. Тоа е основната и суштинската порака што овде во Брисел ја пренесовме и ќе продолжиме да ја пренесуваме, а која се темели на нашите факти и аргументи, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во Брисел.
Делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ, која ја предводи Мицкоски, во чиј состав се и потпретседателите Тимчо Муцунски и Александар Николоски, како што информираат од партијата, е во Брисел за да оствари неколку средби со високи претставници на ЕУ.
„Денеска имавме средба и со господинот Манфред Вебер кој е и претседател на Европската народна партија, семејство во кое е член и ВМРО-ДПМНЕ. Главната цел овде во Брисел на делегацијата која ја предводам е да ги презентира своите позиции, аргументи и ставови поврзани со проблемот кој што го создаде владата на ДУИ поддржана од СДСМ“,
рече Мицкоски.
Тој нагласи дека главната цел на членовите на македонската влада кои одат во Брисел, е да ја кодошат опозицијата.
„Нашите членови на македонската влада, кога доаѓаат во Брисел, ние мислиме работат за државата, а тие покрај тоа што го уживаат комфортот на своите функции, единствената работа и цел им е да ја кодошат опозицијата овде во Брисел и да бараат од луѓето од Брисел да вршеле притисок врз ВМРО-ДПМНЕ да прифати договор кој што ниту го преговарала, ниту учествувала во него, а предупредила дека нема намера да го прифати. Тоа е единствената работа која што официјалните лица на владата на ДУИ поддржана од СДСМ го прави овде, ја кодошат опозицијата и уживаат во привилегиите кои што им ги носат функциите“,
рече Мицкоски.
Втора работа што ја пренесуваме на состаноците, како што нагласи, е дека во Македонија треба да има избори час поскоро за да може притисокот, кој што се чувствува во општеството поради оваа неспособна влада, која што е полна со криминал и корупција, да биде ослободен.
„На дневно ниво ние сведочиме за коруптивни скандали коишто неколку фамилии кои што управуваат со овие две партии ги нижат во Македонија и дополнително го разочаруваат народот. Затоа се потребни избори за да дојде една легитимна влада која што е избрана од народот, а не поставена како оваа влада на Ковачевски. Влада која што ќе се бори за повеќе успеси за македонските граѓани, за повеќе пари за македонските граѓани, за подобар стандард, за повеќе инвестиции и реформи, за поквалитетно здравство и она кое што е најважно борба со криминалот и корупцијата“,
изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во Брисел.
