Премиерот информира дека имал средба со претседателот и извршен директор на Атлантскиот совет, Фредерик Кемпе со кого разговарале за актуелните геополитички предизвици, улогата на Македонија во евроатлантските интеграции и можностите за продлабочување на соработката во иднина
Премиерот Христијан Мицкоски денеска беше гостин на Атлантскиот совет во Вашингтон, каде што покрај иднината на трансатлантските односи и Западен Балкан, говореше и за односите на земјава со Грција, а особено со Бугарија и патот на земјава кон Европската Унија (ЕУ).
„Во разговорот во Атлантскиот совет истакнав дека и покрај значајните отстапки за напредок во евроатлантската интеграција, Македонија останува посветена на заштитата на своите национални интереси и идентитет. Посебен акцент ставив на улогата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур како гарант на човековите права и владеењето на правото, нагласувајќи дека нашата држава ги почитува сите негови пресуди“,
напиша премиерот во објава на Фејсбук.
Дополнително, исто така, преку социјалната мрежа, премиерот информира дека имал средба со претседателот и извршен директор на Атлантскиот совет, Фредерик Кемпе со кого разговарале за актуелните геополитички предизвици, улогата на Македонија во евроатлантските интеграции и можностите за продлабочување на соработката во иднина.
„Средбата претставуваше одлична можност за размена на ставови и идеи со еден од водечките експерти за меѓународни односи“,
вели Мицкоски во објавата.
Целиот разговор со премиерот Мицкоски во Атлантскиот совет во Вашингтон можете да го погледнете ТУКА.
Инаку, премиерот во Вашингтон ќе биде и еден од говорниците на годишната Конференција за конзервативна политичка акција, потврдија денеска организаторите, објавувајќи промотивно видео на социјалните мрежи.
Претседателот на македонската Влада, Мицкоски, кој во Вашингтон е придружуван од министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, како што беше соопштено, вчера имал средба со Александар Касаноф, заменикот-помошник секретар за Западен Балкан во Бирото за европски и евроазиски прашања на Стејт департментот, на која станало збор состојбата во државата, за европските интеграции и препреките со кои се соочува земјава на тој план, како и за реформската посветеност на Владата и фокусот на клучните области.
Станало збор и за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, со посебен акцент на регионалната безбедност, економската соработка, доброто владеење и демократијата.
Ова е трето патување на Мицкоски во Вашингтон откако стана премиер. Првото беше на НАТО-самитот во јули минатата година, а втората посета се случи во јануари годинава, кога премиерот беше во Вашингтон по повод инаугурацијата на претседателот Доналд Трамп.