„Од следната недела очекувам значајно намалување бидејќи од денеска цените на берзите за нафтата и нафтените деривати драматично паднаа. Ги следев, некаде од 82-83 долари за барел се движат, така што веќе следната недела очекувам поголемо и позначително намалување“, изјави премиерот одговарајќи на новинарски прашања во Битола
По постигнатиот мировен договор помеѓу САД и Иран, што доведе до значителен пад на цените на нафтените деривати на светските берзи, премиерот Христијан Мицкоски рече дека очекува од следната недела значајно да се намалат и цените на бензините и дизел-горивата во земјава.

„Од следната недела очекувам значајно намалување бидејќи од денеска цените на берзите за нафтата и нафтените деривати драматично паднаа. Ги следев патувајќи кон Битола, некаде од 82-83 долари за барел се движат, така што веќе следната недела очекувам поголемо и позначително намалување“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по настан во индустриската зона Жабени во Битола.
Одлуката за малопродажните цени што треба Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) да ја донесе сега, како што рече Мицкоски, се однесува на состојбата на светските берзи од претходната седмица.
„Според нашите калкулации, бидејќи престанува да важи кризната состојба, и бидејќи договорот меѓу САД и Иран е постигнат, очекувам цените да се движат во рамките од половина денар или исти да останат кај дизел-горивата и денар и пол односно два денари по литар зголемување кај бензините“,
изјави Мицкоски.
Доколку договорот помеѓу САД и Иран е конечен и финален, како што рече премиерот, ќе се стави крај на неколкумесечната војна која ја предизвика најголемата криза енергетска во последниот милениум.
„Тогаш можеме да бидеме прилично среќни и задоволни од тоа како се справивме во овие исклучително предизвикувачки времиња. Овие три месеци, би рекол, поприлично достоинствено ги издржавме, ниту во еден момент не дозволивме да имаме каква било рестрикција на бензинските станици, не го ограничивме извозот, напротив ги отворивме нашите порти за граѓаните од соседните земји да точат и кај нас гориво, обезбедивме доволна количина на горива, по половина евро по литар во просек беа поевтини од оние на соседите. И понатаму остануваме земја која што има најниска цена на бензините и дизел горивата во регионот“,
додаде премиерот.
Цените на суровата нафта на светските пазари денеска паднаа за околу четири проценти по објавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека е постигнат мировен договор меѓу САД и Иран, кој ќе доведе до отворање и слободен проток на сообраќај низ Ормускиот Теснец.
