„Но добро, таква ни е опозицијата во овој момент. Се надевам дека ќе извлечат поука, многу скоро програмски ќе се реструктуираат, но и кадровски ќе се освежат бидејќи навистина таму гледаме некредибилни луѓе за кои имаме институционална меморија и знаеме што сè правеа во минатото“, изјави денеска премиерот прашан за коментар и за тоа што очекува од седницата закажана за в петок на која на дневен ред се интерпелациите за двајца вицепремиери, министер и негов заменик
Напади од опозицијата коишто ќе поларизираат и ќе поттикнат чувства на меѓуетничка тензија, но на крајот ќе завршат јалово и неуспешно. Ова се очекувањата на премиерот Христијан Мицкоски од пленарната седница на Собранието закажана за в петок (10 јануари), а на која пратениците треба да расправаат и да одлучуваат за интерпелациите за вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ, за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени.

Интерпелациите беа поднесени во декември лани од пратеничката група на коалицијата „Европски фронт“, предводена од ДУИ. Тие уследија по случувањата за време и по прославата на Денот на албанското знаме, кога имаше неколку настани, меѓу кои и сквернавења на државното знаме на С Македонија, како и на албанското, што предизвика тензии во општеството и меѓусебни обвинувања меѓу власта и опозицијата.
„Мислам дека тоа ќе биде јалово и неуспешно и овој обид ќе заврши како неуспешен. Очекувам критики коишто се неосновани и критики кои немаат никаква врска со реалноста. Но добро, таква ни е опозицијата во овој момент. Се надевам дека ќе извлечат поука, многу скоро програмски ќе се реструктуираат, но и кадровски ќе се освежат бидејќи навистина таму гледаме некредибилни луѓе за кои имаме институционална меморија и знаеме што сè правеа во минатото“,
изјави Мицкоски денеска во Штип каде што присуствуваше во пуштање на клон од градинка и спортска балон-сала во населеното место Три Чешми.
Инаку, како што е најавено, в петок прва ќе биде разгледувана интерпелацијата за вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, за која од „Европскиот фронт“ рекоа дека е поднесена затоа што тој е одговорен за лошото управување со состојбите кои се случуваат во државата, вклучително и меѓуетничките односи.
Втората интерпелација е онаа за заменик-претседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, која е поднесена поради неговото непостапување и неизјаснување во врска со настаните во Куманово, кога изгореа неколку возила и продавница на Албанци. Стоилковиќ во својство на вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците не успеал да ја почитува и да ја спроведе официјалната употреба на албанскиот јазик.
Интерпелациите за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и за неговиот заменик Астрит Исени, исто така, ќе бидат разгледувани на 10 јануари.
Во образложението што го дадоа од „Европскиот фронт“ за овие интерпелации се вели дека тие на денот на празникот на албанското знаме, како одговорни лица, ѝ наредиле на полицијата на невиден и неоправдан начин да интервенира, спречувајќи мирна и традиционална манифестација на Албанците.
Пред пратениците треба да се најде уште една интерпелација, онаа за претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади – Илире Даути. Оваа интерпелација е поднесена од пратениците од Левица, а е поради блокадата на законот за бранителите.
Во образложението од Левица се вели дека откако била изгласана потребата за носење на овој закон, Даути не ја ставила точката на дневен ред на Комисијата во рок од 24 часа, а тоа не го сторила и откако се собрале потписи од пратениците за тоа да се направи, како и дека на секоја седница на Комисијата таа одбива да го стави законот за бранители на дневен ред.

Претседателот на Собранието Африм Гаши на последната средба со новинарите, на крајот на минатата година, рече дека интерпелациите на дневен ред ќе бидат ставени како што е предвидено со Деловникот.
„За секоја интерпелација се дискутира цел ден, всушност колку што има пријавени за збор. Седницата може да трае, но до крајот на денот мора да се гласа по одредената интерпелација. За секоја интерпелација се дискутира по еден ден и на крајот се гласа посебно за секоја“,
рече Гаши на 26 декември лани.
Во врска со интерпелациите, од опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) рекоа дека нема да дадат поддршка за нив бидејќи според нивните оценки тие во овој момент не претставуваат решение за кризата и може да значат нови поделби по етничка основа.