Опозицискиот лидер обвини оти експертите кои се вклучени во работната група за утврдувањето на уставните амандмани се дел од семејните стебла на ДУИ и СДСМ и додаде дека од нив не очекува да сработат ништо
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека очекува кривична одговорност за експертите кои се вклучени во работната група за подготвување на амандманите за уставните измени зашто, како што вели, нивната работа е беспредметна оти ќе земаат хонорари од граѓаните, а практично нема да сработат ништо.

Опозицискиот лидер обвини оти експертите кои се вклучени во работната група за уставните измени се дел од семејните стебла на ДУИ и СДСМ и додаде дека од нив не очекува да сработат ништо.
„Се срамам од нивниот срам. Очекувам одговорност бидејќи кога ќе дојде првиот чекот во парламентот, а тоа е отпочнување на постапката за отворање на Уставот, да не успее и тоа ќе биде уште една политика на Ковачевски којашто не успеала, а потоа и кривична одговорност за овие луѓе кои ќе земаат хонорари од народот, а практично нема да сработат ништо бидејќи нивната работа е беспредметна“,
рече лидерот на опозициската партија, прашан како го коментира составот на експертите за групата за уставни измени што вчера ги објави Министерството за правда.
Мицкоски уште еднаш повтори оти партијата нема да ја поддржи иницијативата за отворање на Уставот, додавајќи дека уставните измени нема да се случат во овој парламентарен состав.
„Ова е уште една политика на Димитар Ковачевски којашто ќе биде поразена, а јас ќе повторам дека за ова ќе има одговорност. Не знам колку сериозно нè разбираат, но за ова ќе има одговорност“,
кажа Мицкоски.
Министерството за правда вчера ги објави експертите кои ќе учествуваат во работната група за уставни измени. Во утврдувањето на уставните амандмани ќе учествуваат поранешни уставни судии и професори.
Експерти во работната група ќе бидат:
- Сали Мурати – поранешен претседател на Уставен суд;
- Маргарита Цаца Николовска – поранешен судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур;
- Бајрам Положани – поранешен уставен судија и професор по уставно право;
- Бранко Наумовски – поранешен претседател на Уставен суд;
- Јетон Шасивари – професор на Универзитетот на ЈИЕ;
- Ана Чупеска – професор на Правен факултет ,,Јустинијан Први”;
- Елена Михајлова Стратилати – професор на Правен факултет „Јустинијан Први“;
- Беса Арифи – професор на Универзитетот на ЈИЕ;
- Јагода Митревска – професор на Меѓународен Славјански Универзитет;
- Марија Пандевска – професор на Институт за национална историја.
Од Министерството за правда информираат дека списокот на работната група ќе се дополнува во наредниот период и со други членови кои ќе дадат свој придонес во подготовката на уставните измени.
Во работната група за уставните измени има членови од СДСМ, ДУИ, Алијанса за Албанците, НСДП, ЛДП, ДОМ, Партија на пензионерите, ДПА, Партија за движење на Турците и Демократска партија на Турците.
Во неа ќе учествуваат и претставници од кабинетот на претседателот на Северна Македонија, Секретаријатот за европски прашања (СЕП) и Министерството за надворешни работи (МНР) – Александар Спасов, Драган Тилев и Шпенд Садики.
Опозицијата – како од македонскиот, така и од албанскиот политички блок, нема да учествува во работата за уставните измени со кои Бугарите ќе бидат внесени во Уставот, услов кој се наметна со прифаќањето на „францускиот предлог“ и стана дел од преговарачката рамка на Северна Македонија со Европската Унија.