„Слушнавте што кажа Османи, слушнавте што кажа Таравари. Добро е што полека се опаметуваат имајќи ја предвид финансиската состојба во Македонија. Добро е што изборите ќе бидат заедно, барем од тоа што го слушнавме бидејќи претпоставувам на Ковачевски му требаше да биде охрабрен од Али (Ахмети), од Бујар (Османи), од Арбен (Таравари) за конечно да ја сфати реалноста“, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, очекува датум за претседателските и парламентарните избори да бидат познат денови откако коалициските партнери во власта, ДУИ и Алијанса за Албанците, сигнализираа дека кај нив преовладува ставот тие да се одржат заедно.

Ваквиот развој Мицкоски го оценува како напредок и ја поздравува, како што рече денеска, одлуката на коалициските партнери во Владата.
„Има напредок, слушнавте што кажа Османи, слушнавте што кажа Таравари. Добро е што полека се опаметуваат имајќи ја предвид финансиската состојба во Македонија, добро е што изборите ќе бидат заедно, барем од тоа што го слушнавме бидејќи претпоставувам на Ковачевски му требаше да биде охрабрен од Али (Ахмети), од Бујар (Османи), од Арбен (Таравари) за конечно да ја сфати реалноста. Така што добро е што ќе бидат изборите заедно. Ја поздравувам таа одлука на коалициските партнери во Владата. Претпоставувам дека деновиве брзо ќе биде и датумот“,
рече лидерот на најголемата опозициска партија одговарајќи на новинарски прашања за време на денешната посета на Струмица и Струмичко во рамките на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“.
Тој потсети дека тие како партија веќе дале предлог за датум, односно доколку парламентарните избори бидат редовни да се одржат на 8 мај 2024 заедно вториот круг на претседателските избори, чиј прв круг би бил на 24 април.
„Ако бидат вонредни (парламентарните избори н.з.) цениме дека 14 април со 31 март се добри датуми за одржување на претседателски и парламентарните избори“,
рече Мицкоски.
Министерот за надворешмни работи и потпретседател и портпарол на ДУИ, Бујар Османи, во интервјуто за „360 степени“ емитувано на 13 ноември на МРТ 1 изјави дека во партијата преовладува ставот дека, заради логистички, финансиски и административни причини, двата изборни циклуси треба да се одржат заедно. Сепак, како што додаде сè уште нема утврден став бидејќи не заседавале официјално телата на партијата.
„Јас очекувам во текот на месецот да се завршат тие состаноци, но сепак преовладува мислење дека на три месеци, два изборни циклуса, премногу ќе ја чинат државата. Не само финансиски туку системот се парализира“,
рече Османи во интервјуто.
Лидерот Алијанса за Албанците, другиот коалициски партнер на СДСМ во Владата од албанскиот блок, Арбен Таравари, уште претходно го соопшти неговиот став дека парламентарните и претседателските избори треба да бидат заедно и го посочи економскиот момент како аргумент.
Таравари деновиве го доведе во прашање и останувањето на неговата партија во власта и ја отвори можноста Алијанса за Албанците да замине во опозиција, особено по неусовјувањето на Законот за амнестија во Собранието.
Лидерот на АА вели дека постои мала надеж да се случат уставните промени, па затоа, како што рече, нема да прават „метеж“ во период кој го оцени како тежок. Тој потврди дека имаат контакт со дипломати во земјава и ќе се состанат за да се консултираат околу натамошните чекори.
„Меѓутоа, имаме дилеми дали треба да се продолжи понатаму. Ние до крајот на ноември можеби ќе треба да одржиме седница на централното претседателство, да ги анализираме сите можности и не се исклучува можноста да одиме во опозиција. Ова е турбулентно време кога не се знае кој за кого работи. Ни требаат и инструкции од тие коишто ние ги нарекуваме свои пријатели и да знаеме кој пат да го фатиме“,
рече Таравари на 14 ноември, пренесе МИА.
Од СДСМ засега нема сигнали за можна промена на досегашниот став на партијата и нејзиниот лидер дека парламентарните избори треба да се одржат во редовен термин и одвоено од претседателските.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на 8 ноември во изјава за медиумите рече дека ќе ги чека парламентарните партии до Нова година да најдат консензус и да се договорат околу термините за двата изборни процеси. Ако политичките партии не постигнат консензус за датумите, Џафери вели дека тој ќе постапи според неговите надлежности и ќе распише избори.