Главен приоритет на Македонија и на новата македонската Влада претставуваат добрососедските односи и конечно наоѓање трајно и одржливо решение за проблемот којшто го имаме со нашиот источен сосед, вели премиерот Христијан Мицкоски во видеообраќањето од Лондон каде присуствува на Самитот на Европската политичка заедница

Премиерот Христијан Мицкоски во видео обраќање од Лондон, меѓу државниците од регионот со кои остварил средби го спомна и бугарскиот претседател Румен Радев, без да каже повеќе детали за што разговарале. Подоцна во изјавата, Мицкоски вели дека главен приоритет на новата македонска Влада „претставуваат добрососедските односи и конечно наоѓање трајно и одржливо решение за проблемот што го имаме со нашиот источен сосед“.
Мицкоски, со останатата македонска делегација, е на Самитот на Европската политичка заедница кој се одржува во Обединетото Кралство. Тој изјави дека таму имал повеќе билатерални средби, меѓу кои ја истакна онаа со новиот министер за надворешни работи на Велика Британија.
Тој рече дека се сретнал и со државници од регионот како претседателите на Србија, Црна Гора и Бугарија – Александар Вучиќ, Јаков Милатовиќ и Румен Радев, како и со премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ.
„На сите овие средби имав можност да разговарам за предизвиците за регионот и за приоритетите на македонската Влада. Главен приоритет на Македонија и на новата македонската Влада претставуваат добрососедските односи и конечно наоѓање трајно и одржливо решение за проблемот којшто го имаме со нашиот источен сосед. Понатаму би ги потенцирал средбите коишто ги имав со претседателот Зеленски, но и претседателот на Европскиот совет, Мишел, каде што јасно ги презентирав и ги претставив позициите на новата македонска Влада“,
вели Мицкоски.
Од учеството на Самитот тој го издвојува и своето обраќање на тркалезната маса на еден од панелите каде што се осврнал на предизвиците во енергетиката, регионалното поврзување, но и она што претставува интерес на С Македонија.
„А тоа претставува практично и регионално поврзување, тоа претставува и предизвик за навремено и одржливо снабдување на сите потрошувачи на енергенси, меѓу кои би го издвоил гасот и електричната енергија. Главен интерес на Македонија како држава е да биде земја низ која ќе транзитираат главните енергенси со којашто ќе се снабдува Централна Европа. Се враќаме назад со добри впечатоци и со она кое што претставува достоинствено претставување на македонските интереси овде, во Оксфорд, Велика Британија“,
вели Мицкоски на крајот од изјавата.