„Првпат во независна држава имаме врховен судија што е фатен со мито во рацете, имаме поранешен претседател претседател на Советот на јавни обвинители што е соучесник во тоа, поранешни пратеници, актуелни пратеници, директори, бизнисмени, огромни скандали. Можеби наша грешка беше што не правевме спектакл и естрада од сето тоа. Но, така се одлучивме сакајќи да ја испочитуваме приватноста на семејствата и пресумпцијата на невиност. Не смееме да ги осудуваме луѓето пред да бидат вистински осудени“, вели премиерот
До крајниот рок што го дадовме, односно до 30 септември не добивме ниту еден конкретен предлог како треба да се одвиваат реформите во македонскиот правосуден систем. Затоа од денеска почнуваме да ги развиваме нашиот систем и нашата методологија и почнуваат реформите во правосудството. Ова го соопшти премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференцијата по повод 100 дена од мандатот на новата влада и посочи дека една од најголемите критики што постојано ги слушаат е токму на оваа тема, па затоа им порача на граѓаните да бидат трпеливи.

„Процесот е тежок. Имаме партиски опстриурано и заробено обвинителство и судство. И тука не мислам за сите обвинители и судии. Зборувам за една мала група обвинители и судии, кои се партиски послушници и го контаминираат нашиот правосуден систем. Затоа уште на почетокот тргнавме со реформи во правосудството и дадовме рок дека до крајот на септември чекаме предлози од оние што излегоа со критика. Еве користам можност на македонската јавност да и соопштам дека вчера измина тој рок. До нас не стигна ниту еден официјален предлог за реформи во правосудството“,
вели Мицкоски.
Посочи дека сите оние што критикуваа и велеа дека новата влада сака да прави чистка во правосудството, но и повторна негова партизација, само со сменети улоги, па наместо СДСМ и ДУИ, да бидат ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ, сега никаде ги нема.
„Затоа од денеска почнуваме да го развиваме нашиот систем и нашата методологија и започнуваат реформите во македонскиот правосуден систем. Македонија и граѓаните немаат повеќе простор за чекање. Жалам и сум разочаран што не добивме ниту еден конкретен предлог како треба да се одвива реформата во правосудството. И како нивната доверба кај граѓаните од два да порасне барем на 10 отсто во првата година. Жалам што толкави огромни плати поединци добиваат, а работата што ја испорачуваат е никаква, односно мизерна“,
рече тој.
Борбата против криминалот и корупцијата, како и зошто нема апсења, рече дека се едни од критиките што често ги слушал изминатиот период, но како универзитетски професор и како политичар нема да дозволи од тоа да се прави естрада, како и дека нема да се случи преку институциите да манифестира моќ и реваншизам, оти вели дека мора да престане таквото однесување.
Во таа насока, премиерот посочи дека борбата против криминалот и корупцијата продолжуваат, а доказ за тоа се голем број случаи што веќе се разоткриени и на виделина на јавноста.
„Првпат во независна држава имаме врховен судија што е фатен со мито во рацете, имаме поранешен претседател претседател на Советот на јавни обвинители што е соучесник во тоа, поранешни пратеници, актуелни пратеници, директори, бизнисмени, огромни скандали. Можеби наша грешка беше што не правевме спектакл и естрада од сето тоа. Но, така се одлучивме сакајќи да ја испочитуваме приватноста на семејствата и пресумпцијата на невиност. Не смееме да ги осудуваме луѓето пред да бидат вистински осудени“,
вели премиерот.
Смета дека мора да се стави крај на праксата кога специјалци влегуваа во домовите на пратеници и пред очите на малолетни деца се изживуваа врз нив и врз нивните семејства, со цел да биде задоволена суетата на одредени политички моќници.
„Нема потреба од тоа, мора да сме на земја. Подобро половина чекор напред отколку три напред, па два назад“,
рече тој.
Според него, потребно е криминалот и корупцијата да бидат казнети, како и дека има институции што ги водат тие процеси, има закон и Устав, пред кои тие што сториле криминал треба да одговараат.
Мицкоски досега неколку пати повтори дека не се не се откажува од изборното ветување за реформа во правосудството со распуштање на актуелниот состав на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Апелираше и до експертската јавност да достави предлог за тоа како да се зголеми довербата кај граѓаните во судството и порача дека доколку нема предлози и по неколку месеци, тогаш заклучокот би бил дека тие намерно штитат институции кои не се способни да гарантираат владеење на правото.
„Подготвен сум да разговарам со секого, секој што има некаква идеја нека дојде, подготвен сум да го сослушам. Само да не ми се појавуваат ‘вечните’ експерти чии презимиња потоа случајно се појавуваат како нови членови на Судскиот совет. Методите на таквите вечни експерти ги знам. Ете, тие не доведоа до тие 2 отсто“,
рече тој.
На ставот за распуштање на Судскиот и Советот на јавни обвинители се спротивстави меѓународната заедница, од каде што се инсистира реформите во правосудната сфера да се спроведуваат врз основа на препораките на Оценската мисија на ЕУ за работата на Судскиот совет, Извештајот за напредокот и од резултатите од скрининг-процесот.
Според ексамбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, нема дилеми дека мора да има суштински реформи во областа на владеење на правото и судството, но не на таков начин.