Сите тие што беа против и од Европската унија и од експертстката јавност, еве ве молам доставете предлози, поминаа месеци, ако не доставите доаѓаме до заклучок дека намерно штитите институции кои не се способни да обезбедат поддршка поголема од два проценти, рече премиерот
Христијан Мицкоски не се откажува од изборното ветување за реформа во правосудството со распуштање на актуелниот состав на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители и реформање во делот на идниот избор на членови на овие две тела, иако одредени правници, Европската унија и САД порачаа дека ваков чекор би значело мешање во независноста на судската власт.
Премиерот денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали тој се откажал од оваа идеја, рече дека тоа не е случај и дека ниту се откажал ниту пак планира да се откаже од оваа идеја се додека граѓаните имаат само два отсто доверба во правосудниот систем. Тој апелираше и до експертстката јавност да достави предлог за тоа како да се зголеми довербата кај граѓаните во судството и порача дека доколку нема предлози и по неколку месеци, тогаш заклучокот би бил дека тие намерно штитат институции кои не се способни да гарантираат владеење на правото.
„Дали сум се откажал? Ако добиеме подобар предлог за којшто, апелирам, молам еве ја користам оваа прилика, сите тие што беа против и од ЕУ и од експертската јавност, еве ве молам доставете, поминаа месеци ако не доставите тогаш доаѓаме до заклучокот дека вие намерно штитите институции коишто не се способни да обезбедат поддршка кај граѓаните поголема од 2 проценти, институции коишто не гарантираат владеење на правото, бидејќи 2 проценти кај граѓаните не е владеење на правото и институции коишто му служат некому, а не граѓаните“,
рече Мицкоски.
Тој кажа дека ќе направи се што е во негова моќ да порасне довербата во правосудството и од постоечките два отсто, за една година да порасне на барем дванаесет, а рече и дека како претседател на Влада која што добила гласови од 450 000 граѓани за програмата во која се предвидува укинување на овие две тела, доколку не добие подобар предлог, не преостанува ништо друго освен погласна промоција на нивниот предлог од изборната кампања.
„Ги повикувам нека не се кријат, позади комфорот на позициите коишто ги имаат, без разлика од каде доаѓаат, без разлика дали се претставници на меѓународна заедница, дали се домашни експерти. Дојдете подготвен сум да разговарам со сите вас, дајте предлог вака не иде, 2 проценти доверба кај граѓаните“,
вели премиерот.
Алудирајќи на актуелната состојба во судството, Мицкоски вели дека доколку нема правна држава, нема да има ниту пак странски инвестиции, а домино ефектот ќе се рефлектира врз немањето доволно пари во Буџетот, што пак би значело немање на доволно средства за реформи во образованието, здравството, за повисоки плати итн.
На ставот за распуштање на Судскиот и Советот на јавни обвинители се спротивстави меѓународната заедница. Според амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, нема дилеми дека мора да има суштински реформи во областа на владеење на правото и судството, но не на таков начин.
Во интервјуто за „360 степени“ тој го поздрави фактот што владата е амбициозна во овој мандат да ги стави реформите во оваа сфера високо на листата приоритети и нагласи дека го разбира искушението на власта да се пристапи со т.н. „правен нихилизам“, односно да избрише сè и да почне од почеток. Тоа, како што потенцира амбасадорот, привидно изгледа атрактивно, но искуствата покажуваат дека не е најефективниот начин.