Резолуцијата што ја поднесоа Соединетите Американски Држави (САД), а со која се повикува на ставање крај на војната, но без експлицитно да се спомене руската агресија, беше усвоена, но доби поддршка од помалку земји членки на светската организација, откако претходно предложениот текст беше изменет, по амандманите што ги поднесоа дел од земјите
Никој не треба да има дилема во нашата усогласеност со надворешната и одбранбена политика со Европската Унија. Ние секогаш ќе бидеме усогласени со ЕУ, но застанавме зад резолуцијата за Украина со нашиот стратешки партнер САД, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Прашањето за усогласеноста на Северна Македонија со онаа на ЕУ се отвори во јавноста откако беше соопштено дека земјава била коспонзор на Резолуцијата на САД во ОН за Украина.
„Ние застанавме со нашиот сатратешки партнер, тоа се САД, а тоа не беше резолуција на ЕУ бидејќи исто така коспонзор на резолуцијата на САД е земја-членка на ЕУ, а тоа е Унгарија, така што не може да стане збор за усогласена надворешна политика на ЕУ. Ние ја имаме усогласено нашата надворешна и одбранбена политика заедно со Европската Унија, но во случајот тоа не беше случај. Ние застанавме позади резолуцијата и бевме коспонзори на резолуцијата на САД која што е единствената усвоена резолуција од страна на Советот за безбедност, а тоа значи дека е апликативна“, рече вечерва Мицкоски на прес-конференција на која најави нова инвестиција во енергетиката.
Генералното собрание на Обединетите нации (ОН), вчера на третата годишнина од руско-украинската војна, ја усвои резолуција подготвена од Киев, а чии спозори беа земјите членки на Европската Унија (ЕУ) и со која повикува на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и се осудува руската агресија на земјата.
Од друга страна, резолуцијата што ја поднесоа Соединетите Американски Држави (САД), а со која се повикува на ставање крај на војната, но без експлицитно да се спомене руската агресија, беше усвоена, но доби поддршка од помалку земји членки на светската организација, откако претходно предложениот текст беше изменет, по амандманите што ги поднесоа дел од земјите.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера, одговарајќи на новинарски прашања, информира дека Македонија е коспонзор на нацрт-резолуцијата на Соединетите Американски Држави (САД) за Украина, без да сподели повеќе детали.
Премиерот не даде конкретно образложение зошто земјава се одлучила да ја поддржи американската, а не предлог-резолуцијата која во исто време ја поднесоа Европската Унија и Украина.
Во врска со ова прашање вечера попладне се огласија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, од каде што рекоа дека одлуките за поддршка на резолуциите во ОН се носени врз основа на темелно истражување и анализа на актуелните глобални надворешнополитички движења, утврдените позиции на влијателните меѓународни чинители, заложбата на земјава за зацврстување на мирот, безбедноста и просперитетот во светот, но и стратегискиот интерес за создавање стабилна позиција и градење поцврсти односи со партнерите.