Според Мицкоски, Комисијата не се закажува бидејќи, како што вели, „веројатно некому му е страв да го стори тоа“
Одговорно е што поскоро да има предвремени избори зашто државата тоне во економска криза и ковид-пандемија, луѓето ги губат своите животи, енергетската криза тропа на врата, образованието е катастрофално, а буџетскиот дефицит за само 40 дена е повеќе од 11,2 милијарди денари, рече денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Не би можел да издвојам ниту еден параметар што не движи во правилна насока. Затоа, одговорно е да имаме предвремени избори и ќе го повторувам тоа додека политичарите во Владата не се освестат и не излезат за да видиме каква е довербата на народот“,
истакна Мицкоски по посетата на Ѓорче Петров.
Тој јавно упати апел до претседателот на Собранието Талат Џафери, да ја свика Комисијата за избори и именувања е функционална. Како што рече, одговарајќи на новинарски прашања, „парламентот е функционален, а седницата на Комисијата не се закажува зашто веројатно некому му е страв“.
„Комисијата за избори и именувања е функционална, не гледам причина зошто Џафери не ја свика за предлозите што се на дневен ред. Тоа што сега не ја свикуваат, се плашат зашто нивните партизирани судии најверојатно нема да бидат избрани, зашто не се сигурни во мнозинството. Овој пат не можат да киднапираат пратеници и да ги чуваат натаму – наваму. Го повикувам Џафери уште денеска да ја закаже Комисијата за избори и именувања, таму си има пратеници кои ќе си гласаат по сопствено убедување. Не се согласувам дека Собранието не е функционално, има 120 пратеници“,
рече Мицкоски.