Владо Камбовски, Гордана Силјаноска-Давкова, Никола Тупанчевски, Гордан Калајџиев, Тања Каракамишева и Гордана Лажетиќ, се професорите што ВМРО-ДПМНЕ предлага да го напишат законот, додека за актуелниот предлог-закон Мицкоски вели дека не даваат поддршка, но не може да ја спречат власта ако сака со притисоци врз пратеници да го протурка законското решение

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, не прифаќа одлагање на изборите и порача дека нивното одржување на 12 април и распуштањето на парламентот на 12 февруари е затворено прашање. Законот за јавно обвинителство, според него, е уште едно од низата оправдување со кои Зоран Заев сака да го одложи изборите за да се спаси од пораз и од соочување со одговорност.
„Законот за јавно обвинителство го користи единствено како изговор за останување на власт, а од изговори е веќе доста“,
рече Мицкоски додавајќи дека претходно како изговори се посочувале наводната криза во Шпанија и ратификацијата на протоколот за НАТО, потоа носењето на други закони, како тој за опојни дроги итн.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, посочува дека законот за јавно обвинителство и изборите не се поврзани теми односно не зависат една со друга. Според него, не е релевантно дали ќе се стигне законот да биде донесен за седум дена до распуштање на парламентот или ќе се донесе за 17 или 70 дена и предложи да се формира тим од шест професори експерти што ќе го напише законот.
„Да бидеме на јасно, ВМРО-ДПМНЕ не е против закон за јавно обвинителство, туку е против партиски закон со кој ќе се заштити криминалот. Секое законско решение мора да биде во дослух со експертската јавност. Затоа предлагаме да дојде тим од професори и експерти од Правниот факултет, а законот што тие ќе го предложат без двоумење ќе го прифатиме“,
рече Мицкоски.
Тој предлага тимот да биде од шестмина професори по уставно и казнено право: Владо Камбоски, Гордана Силјановска-Давкова, Никола Тупанчевски, Гордан Калајџиев, Тања Каракамишева и Гордана Лажетиќ.
Отворени се, рече тој, и за други имиња во експертскиот тим.
„Без да го гледаме, ќе го поддржиме законот што тие ќе го предложат“,
рече Мицкоски.
Мицкоски од прес-конференцијата апелираше и да не се вршат притисоци врз пратеници за да се изгласа законот, туку да се остават секој да одлучува по сопствена волја. Тие, како партија и пратеничка група, рече тој, физички не може да го спречат носењето.
„Физички не можеме никако да ги спречиме ако одлучат да го туркаат на сила законот со кршење процедури, со притисоци и закани. Законот е со европско знаменце, ограничени се деновите на дискусија, и да сакаме не можеме ништо да направиме“,
одговори Мицкоски.