За ветувањето дека ќе се укине давачката за пристап до мрежа од 200 денари која беше воведена од 1 јануари годинава, Мицкоски рече дека тоа ќе биде реализирано во текот на мандатот на оваа Влада
Се очекува зголемување на цените на електричната енергија на берзите, но не очекувам да има турбуленции и позначителни потреси на пазарот со електрична енергија во земјава, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
„Јас бев меѓу првите уште летоска којшто зборуваше дека како ќе доаѓа зимата, така ќе има потреби да се влече енергија од пазарот во Европа од страна на Украина, бидејќи за жал, таму поради руската агресија е целосно уништен електроенергетскиот систем на државата. Сето ова ќе влијае во насока на зголемување на цените на електричната енергија на берзите. Од она со кое што располагам како информација, она што го имаме како располагање на ресурс во РЕК Битола и во другите електрани е на нивото очекувано за овој период од годината. За жал, хидрологијата е намалена, некаде околу 22-23 проценти, можеби требаше да биде над 30 во овој период но таква беше годината – сушна. Ценам дека капацитетите со коишто располага државата подготвени ќе ја дочекаат и ја дочекаа оваа грејна сезона и не очекувам да имаме некои позначителни потреси на пазарот“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето камен-темелник на новото основно училиште „Крсте Мисирков“ во скопската населба Ченто.
За ветувањето дека ќе се укине давачката за пристап до мрежа од 200 денари која беше воведена од 1 јануари годинава, Мицкоски рече дека тоа ќе биде реализирано во текот на мандатот на оваа Влада.
„Во овој момент работиме на консолидирање на електроенергетскиот сектор и мислам дека Регулаторната комисија за енергетика ги прави пресметките. Кога тие ќе бидат готови ќе донесеме одлука која што е најважна и најдобра за граѓаните“,
рече Мицкоски.
И претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски вчера изјави дека проблемот со затворањето на гасоводот во Украина може да предизвика одреден удар на европските берзи, но оти не очекува некој сериозен удар во однос на цената на гасот и на електричната енергија.
„Во делот на обезбедувањето на гас, Македонија ќе нема проблеми. Гасот доаѓа од ‘Турски тек’, тоа е во најголем дел гас на ‘Гаспром’, од Турција преку Бугарија доаѓа кај нас. Единствено проблемот со затворањето на гасоводот во Украина може да предизвика одреден удар на европските берзи, но она што го гледаме е дека и Австрија кажува ние немаме проблем да обезбедиме гас од друго место, Унгарија истото го кажува. Чешка и Словачка биле подготвени. Така што, не очекувам некој сериозен удар во однос на цената на гасот па понатака тоа да влијае и на електричната енергија. Можно е, бидејќи вообичаено Европа отсекогаш увезувала доста големи количини на електрична енергија од Украина. Сега голем број на производствени енергетски постројки во Украина во оваа тотално луда војна се уништени и веќе се гледа и обратна насока на движењето на електричната енергија. Увезуваат електрична енергија и ќе видиме сето тоа како ќе функционира“,
рече Бислимоски во вчерашното интервју во „Вин-Вин“ на Телма.