Тој рече дека ги слуша шпекулациите што доаѓаат од опозициските партии, за кои вели дека се очајни, каде што едната партија се бори да опстане на политичката сцена, а другата преку националистичка реторика се труди да се врати на политичката сцена бидејќи, како што рече, немаат што друго да понудат
Тоа што од страна на пратениците на Демократската унија за интеграција (ДУИ) се гласа за закони со двотретинско мнозинство нема никаква врска со какво било нивно приближување кон Владата. Ова е ставот на премиерот Христијан Мицкоски откако на собраниска седница беа изгласани измените на Законот за локална самоуправа, а за кои поддршка дадоа и пратениците на опозицискиот „Европски фронт“ предводен од ДУИ.
Сепак, поддршката од пратениците на „Европскиот фронт“ за измените на Законот, според Мицкоски, не значи дека би имале натамошна соработка со актуелно раководство на ДУИ.
„Нашиот став за ова раководство на ДУИ ви е познат, јасен и нема што да додадеме на тоа прашање“,
рече Мицкоски на денешната прес-конференција на која даде отчет за сработеното на Владата во првите 100 дена.
Опозициските партии СДСМ и ДУИ, Мицкоски ги спомена и во говорот за сработеното во изминатите 100 дена.
Тој рече дека ги слуша шпекулациите што доаѓаат од овие партии, за кои вели дека се очајни, каде што едната партија се бори да опстане на политичката сцена, а другата преку националистичка реторика се труди да се врати на политичката сцена бидејќи, како што рече, немаат што друго да понудат.
„И тие мислат дека ако испраќаат такви пораки дека на тој начин ќе внесат раздор, клин, недоверба во рамките на оваа коалиција. Можам да ги разочарам дека не само што не се успешни, туку таквото нивно однесување го зајакнува нашиот заеднички дух и во таа насока продолжуваме и понатаму да ја градиме Македонија“,
рече Мицкоски.
Според Мицкоски, секоја тема што ги злоупотребува чувствата на граѓаните, секоја тема што поларизира и внесува раздор не може да обедини.
Спротивставените ставови на неколку теми што овие 100 дена доаѓаа од коалициските партии во владата, според Мицкоски е нормално да ги има и оти тоа не значи дека не се согласуваат за стратешките прашања.
Мицкоски во говорот рече и дека нема да навлегува во тоа зошто Демократската унија за интеграција во изминатите 21 година не успеала да ги постигне стратешките цели, но затоа, како што рече, „успеа да постигне една цел, а тоа е повеќе од стотици илјади раселени Албанци од Македонија“.
„Не смееме да се вртиме кон овие политичари кои поминаа децении во македонската политика, а ќе останат запаметени по две работи – многу корупција и многу предавства на сметка на личните интереси“,
додаде тој.
Во говорот Мицкоски, обраќајќи се кон СДСМ и ДУИ, рече дека власта има потреба од силна и конструктивна опозиција со која „ќе се натпреваруваме за проекти, за реформи, за политики кои што ќе не развиваат какао држава и ќе донесат подобар стандард“.
Инаку, откако ВМРО-ДПМНЕ формира влада во која се од коалицијата „Вреди“ и Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Демократската унија за интеграција за два закони даде поддршка во Собранието.
Пратениците од коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ во јуни годинава гласаа и за Законот за реорганизација на органите на државата управа, за чие усвојување, исто така, беше потребно двотретинско мнозинство. Пред гласањето, тогаш од партијата на Мицкоски информираа дека на средба меѓу претставници на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и „Европскиот фронт“ било договорено коалицијата предводена од ДУИ да даде поддршка за законот.
Минатиот месец опозициската ДУИ ги поддржа измените на Законот за локална самоуправа со кои се предвидува продолжување на мандатот на актуелните в.д. градоначалници во Сарај, Аеродром и Гостивар до редовните локални избори во октомври идната година.
Законот беше усвоен со двотретинско и Бадентерово мнозинство.